Ховит: Преговорите со Македонија се во интерес и на ЕУ

Ховит од Македонија бара да направи се’ што може за напредок во аспирациите за европска интеграција.

Амандманите по Предлог-резолуцијата за Македонија што ја изготви известувачот во Европскиот парламент Ричард Ховит се поднесени, откако вчера попладне заврши рокот за нивно доставување.

„Постои силна дебата за земјата, за нејзината европска иднина, предизвиците со кои се соочува. Да, ќе има суштински забелешки кои ќе бидат дебатирани и ќе гласаме за нив и јас не го кријам тоа. Но, како известувач сум убеден дека ќе успееме да дојдеме до компромиси кои се во интерес на земјата и нејзината европска иднина“, вели Ховит во изјава за телевизијата „Алфа“.

Тој вели дека не знае точно колку амандмани се поднесени, но очекува нивната бројка да биде солидна, бидејќи и тој самиот има поднесено 20-тина.

Иако очекува амандманите од неговите колеги да бидат насочени кон соочувањето на Македонија со нејзините предизвици, сепак вели дека тие силно го поддржуваат отворањето на пристапните преговори.

Ховит се надева дека европските пратеници ќе се согласат со неговата позиција во предлог-резолуцијата дека постои недостиг на кредибилитет во процесот на преговорите за името и оти ќе биде прифатено неговото мислење дека меѓу Македонија и Бугарија постои дух на нова соработка и добри релации. Од Македонија бара да направи се’ што може за напредок во аспирациите за европска интеграција.

Известувачот за Македонија вели дека ја исполнил намерата Предлог-резолуцијата да ја објави пред одржувањето на Европскиот совет идната недела, со цел со неа да изврши притисок.

„Факт е дека како известувач реков дека преговорите треба да започнат и кажав зошто. Тоа не е само во интерес на земјата, туку и на ЕУ и се надевам дека тоа ќе направи притисок врз некои влади да донесат вистинска одлука за неколку дена“, нагласува Ховит.

Дебатата за амандманите и гласањето по Предлог-резолуцијата за Македонија се закажани за втората половина на јануари.