Христијани од целиот свет го слават Велигден

Десетици илјади луѓе се спротиставија на лошото време и  присуствуваа на велигденската миса која ја одржа папата Франциско на плоштадот Свети Петар.

По неколку дена проследени  високи температури и сонце, Рим рано изутринава беше погоден од невреме проследено со грмежи.

Во Ватикан, папата Франциско синоќа одржа служба, за време на која рече дека тајната на Велигден бара од верниците да побараат одговор „на прашањата кои се искушение за нашата вера, нашата верност, самото наше постоење’, пренесува МИА.

Во базиликата Свети Петар синоќа папата Франциско ја нагласи  важната улога која жените ја имаат во Црквата. Тој ги повика католиците да учат од исусовите ученички за да ги спонзнаат чудата на верата.

– За време на овие ноќи на бдеење, треба да размислиме за искуствата на Исусовите ученички. Тие први дошле до гробот на Исус и го нашле празен, додека мажите и последната вечер биле во трпезаријата, рече папата Франциско.

Околу 1.500 лица се собраа денеска во Ерусалим, околу т.н. Гробница во градината, за да го прослават Велигден, денот во кој христијаните веруваат дека Исус воскреснал откако претходно бил распнат.

Христијани од целиот свет се собраа околу гробницата во карпата, покрај ридот за кој се смета дека бил можното место на распнувањето и воскресението.

Смесетана во источниот дел на Ерусалим, кој Израел го освои во шестдневната војна во 1967 година, таа гробница првпат е откриена во 19. век и наскоро стана популарна алтернатива на Црквата на Светиот гроб.

Според христијанската традиција, Исус е распнат, погребан и воскреснал на местото каде е изградена таа црква во ерусалимскиот стар град.

Гробницата во градината ја пронашол британскиот генерал Гордон во 1894 година.

Во текот на денот се очекува да биде одржана миса во Црквата на раѓањето на Христос во Витлеем, изградена на местото на кое христијаните веруваат дека е роден Исус.

Христијаните кои се раководат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Велигден, додека православните христијани, кои го почитуваат Јулијанскиот календар, тоа ќе го прават следната недела.