ХРОНОЛОГИЈА: Сите политички убиства во владеењето на Слободан Милошевиќ

Српскиот портал „Телеграф“ по објавувањето на информациите дека властите се при крај со истрагите околу неколку политички убиства кои го одбележија владеењето на Слободан Милошевиќ, направија хронологија на сите случаи кои и по две децении останаа завиени во мистерија.

Радислава Дада Вујасиновиќ, новинарка и уредник во магазинот „Дуга“. На деветти април 1994 година е пронајдена мртва во семејниот стан во Белград. Официјалната верзија е дека се самоубила еден ден претходно со ловџиска пушка. Но, во 2008 година балистичарот Владимир Костиќ вели дека нејзината смрт „најверојатно е предизвикана од делување на друго лице“, по што е отворена истрага за убиство.

Зоран Тодоровиќ Кундак (38), тогашен директор на Беопетрол и генерален секретар на Југословенската левица, убиен на 24-ти октомври 1997 година пред зградата на Беопетрол во Нов Белград.

Радован Стојиќ Баџa (46), началник на ресорот за јавна безбедност и заменик министер за полиција убиен е на 11-ти април 1997 година во ресторанот „Мама миа“.

Стојиќ важел за човек од доверба на некогашниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ. По убиството се споменувало, меѓу другото, и дека се бавел со шверц на цигари иако тоа никогаш не било докажано.

Славко Чурувија (50), новинар, сопственик на весниците „Дневни телеграф“ и „Европјанин“ е убиен на 11-ти април 1999 година во влезот од зградата во која живеел и во која се наоѓале дел од деловните простории на неговиот „Дневни телеграф“

Истрагата, по петооктомвриските промени, утврдила дека деноноќно бил следен од припадници на Државната безбедоност и дека одненадеш, кратко пред убиството, се повлечени од „задача“.

Припадници на Српското движење за обнова (СПО), Веселин Бошковиќ  (возач, брат на сопругата на Вук Драшковиќ), Вушур Ракочевиќ, Драган Вушуревиќ и Звонко Осмајлиќ се убиени на трети октомври 1999 година на Ибарската магистрала.

Камионот што намерно ја предизвикал сообраќајната несреќа и’ припаѓал на Државната безбедност, а возачот директен извршител на убиството, бил припадник на Единицата за специјални операции.

Жељко Ражнатовиќ Аркан (48) е убиен на 15-ти јануари 2000 година во холот на белградскиот хотел „Интерконтинентал“.

Аркан беше најпознат како водач Српската доброволна гарда, паравоена формација позната како „Арканови тигри“, но поеднакво познат по разни матни активности низ Европа за време на поранешна Југославија. Извесно време активно се занимавал и со политика.

Министерот за одбрана Павле Булатовиќ (52) е убиен на седми февруари 2000 година. Неговите убијци се уште не се откриени.

По убиството Сојузното собрание формирало Анкетен одбор, за да се идентификуваат убијците, а случајот му бил доверен на судијата Небојша Симеуновиќ, кој во октомври истата година е најден мртов во Дунав.

Генералниот директор на Југословенскиот аеротранспорт, Живорад Жика Петровиќ е убиен на 25-ти април 2000 околу 21,30 часот во класична заседа во Белград.

По убиството се споменувало дека Петровиќ изнесувал од земјата пари по налог на Милошевиќ, се споменувало купување на авиони, но и продажба на претставништвата на ЈАТ низ светот.

Бошко Перoшевиќ, претседател на Извршниот совет на Војводина и член на Извршниот одбор на СПС е ранет 13-ти мар 2000 година во Нови Сад, на саем, а на брзо починал во болница.

Во него пукал работник на саемското обезбедување, кој веднаш бил уапсен. Но, мотивите за убиството и кој навистина стои зад него не се откриени.

Обид за атентат на Вук Драшковиќ во Будва на 15-ти јуни 2000 година. Според подоцна откриени информации, тогашниот началник на генералштабот на војската на Југославија Небојша Павковиќ обезбедил возило, воени униформи и сместување во касарната во Тивт за Милорад Улемек Легија и неговите соработници.

Поранешниот претседател на Република Србија, Иван Стамболиќ исчезнал на 25-ти август 2000 за време на утринска рекреација во близина на неговиот стан во Кошутњак.

Неговите остатоци се пронајдени дури на 28-ми март 2003 година на Фрушка гора за време на полициската акција „Сабја“.

Поранешниот помошник началник на Центарот за државна безбедно на Белград, Момир Гавриловиќ е убиен на трети август 2001 година пред неговиот стан во  Нов Белград. Медиумите со години наведувале дека основната претпоставка е дека Гавриловиќ е убиен поради изнесување детали за поврзаноста на криминалот со луѓето од власта.

Помошник началникот на Ресорот за јавна безбедност генерал мајор Бошко Буха е убиен на 10-ти јуни 2002 одина на паркинг пред хотелот „Југославија“.

Поранешниот заменик началник на Првата управа на Сојузното министерство за внатрешни работи, Ненад Баточанин на 26-ти ноември 2002 година е убиен со автоматско оружје.

Во дворот од зградата на Владата на Србија на 12-ти март 2003 година е извршен атентат на премиерот на Србија, Зоран Ѓинѓиќ. 

Улемак исто така беше осуден за ова убиство. Мотивот бил запирање на борбата против организираниот криминал и спречување на откривање на злосторствата во кои биле вмешани припадници на групата на Улемак.