Хрватите се разведуваат за да не плаќаат кредити

Бракот на хартија сеуште има важност во традицијата и културата во регионот. Меѓутоа, измачени од кризата и кредитите, некои Хрвати се сетиле со развод да ги прелажат банките.

Во Хрватска има се повеќе случаи кога банката е изиграна и тоа по пат на фиктивен развод и плаќање на алиментација. Банките не смеат да ја чепкаат платата на разведените лица, како што е рата за кредитите, додека тие не ја платат алиментацијата.

Како на пример, лице кое има плата од 7.000 куни може фиктивно да се договори со поранешната сопруга дека на име издржување на две деца секој месец ќе и исплаќа по 5.000 куни. Таквата состојба на банкарската сметка може да се смести на минималниот загарантиран износ од 2.000 куни кои банката не смее да му ги одземе. На тој начин, како обврзник за плаќање алиментација се избегнува да се плаќа кредитот се додека децата не го завршат редовното школување или пак не наполнат 26 години.

Хрватските адвокати велат дека приказната за фиктивниот развод и алиментацијата не е ништо ново. Оваа појава била прилично многу раширена и во поранешна Југославија кога постоеле станарските права.