Македонија

„Хрватска инсистира Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и еден ден ќе успееме“

„Хрватска инсистира Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и еден ден ќе успееме“

Предлогот на Европската комисија за Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија, вечерва ќе се најде во дискусиите на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во рамки на вториот дел од Советот за надворешни работи на ЕУ, пренесува МИА.

Иако заклучоците за проширувањето и за Македонија во однос на Самитот на Европскиот совет, официјално се очекува да бидат усвоени на утрешниот Совет за општи работи, шефицата на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, во изјава за дописникот на МИА од Брисел потврди и дека вечерва ќе се отвори и ова прашање, како и ставот на Хрватска во однос на него.

„Македонија, како и останатите земји што ќе бидат опфатени во рамки на подготовката на заклучоците за проширувањето на Европската унија, ќе биде опфатена и на денешниот Совет за надворешни работи, како и на утрешниот Совет за општи работи на Унијата. Хрватскиот став е веќе некое време дека Македонија треба да ги почне пристапните преговори и дека треба да добие покана за влез во НАТО“, истакна Пусиќ во изјава за МИА, додавајќи дека Србија ќе добие „да“ од Советот за почеток на преговорите следниот месец, додека за Албанија е тешко дали ќе се стекне со кандидатски статус.

Според министерката за надворешни работи на Хрватска, ставот на нејзината земја во однос на Македонија е врз основа на тоа колку време нашата земја минала во подготовки за двата процеси, а и на основа на, како што потенцира – еден себичен став, а тоа е дека „Хрватска смета оти Македонија на тој пат е корисна и за Хрватска и за останатите земји во регионот“.

„Според нашето искуство, овие процеси ги стабилизираат институциите и градат институции. Стабилна Македонија е придонес за стабилна Хрватска и стабилен цел регион на Југоисточна Европа. Од тој поглед ние сме заинтересирани Македонија да го почне тој процес оти тој процес демистифицира многу работи во политиката, според исксутвото низ кое мина Хрватска и не ги прави работите полесни, но развива свест во самата земја за сопствеништво над процесот и сопствената одговорност за него“, додава Пусиќ.

Хрватската министерка не сакаше да каже какво е расположението кај земјите-членки на Унијата за доделување на „зелено светло“ Македонија да ги почне преговорите.

„Не сакам сега ништо да прејудицирам како ќе поминат овие состаноци. Го кажувам нашиот став што ќе го изнесеме пред министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ. Само ќе кажам дека ќе победиме еден ден. А, дали тоа ќе биде сега не можам да кажам, но со тој свој став еден ден ќе победиме“, додава Пусиќ во изјава за МИА.

Во однос на барањето нашата земја да влезе во Јадранско-јонскиот макро-регион на Европската унија, што според еврокомесарот за регионална политика, Јоханес Хан, зависи дали земјите-членки вклучени во процесот ќе го дозволат, шефицата на хрватската дипломатија вели дека нејзината земја сака да ја види и Македонија во тоа друштво и ќе се заложи за ова прашање:

„Ние сме заинтересирани, кога ќе се воспостави јадранско-јонскиот макро-регион, Југоисточна Европа да го нагласи и тој свој медитерански аспект. Ние сметаме дека без оглед на тоа дали некоја земја излегува на Медитеранот или не, т.е. на Јадранско море или на некој друг од медитеранските големи заливи, дека за сите земји во нашиот регион е карактеристично дека ја имаат и таа медитеранска димензија и добро е да бидат дел од тоа. Политиката на макро-регион е пред се една развојна политика и затоа се залагаме за ова прашање“, додава на крајот Весна Пусиќ.