Хрватска избира претседател

Во Хрватска денеска се избира нов претседател, кој ќе ја предводи земјата во следните пет години.

Меѓу четворицата кандидати најголеми шанси имаат досегашниот претседател на земјата, Иво Јосиповиќ, од Социјалдемократската партија, и кандидатката на опозициската Хрватска демократска заедница, Колинда Грабар Китаровиќ, посочуваат набљудувачите, цитирани од локалните медиуми.

Около 3,8 милиони избирачи од 6 часот утринава имаат можност да излезат на гласачките местаз, а гласањето ќе заврши во 18 часот. Речиси 22. 000 набљудувачи, намногу во последните неколку изборни циклуси, ќе го следат гласањето. Првите делумни резултати се очекуваат вечерва.

Другите двајца кандидати се Милан Кујунџиќ од Сојузот за Хрватска и Иван Вилибор Синчиќ од невладината организација „Човечки штит“.

Социолошките истражувања му даваат значителна предност за актуелниот шеф на држават Иво Јосиповиќ. Според анкетата на социолошката агенција Ипсос, 57-годишниот Јосиповиќ ќе освои 46,5 проценти од гласовите, но нема да ги има потребните 50 отсто од гласовите за да победи во првиот круг. Неговиот главен опонент, 46-годишната Колинда Грабар Китаровиќ, во последните недели добива се повеќе поддршка и според анкетите ќе освои 36 проценти од гласовите.

Социолозите не даваат никакви прогнози за евентуалниот втор круг и дури се многу внимателни во прогнозите и за првиот круг, предупредувајќи дека избирачката активност ќе зависи од датумот на изборите, закажани меѓу Божик и Нова година.