Хрватска ја прифати првата група мигранти, според квотите на ЕУ

Хрватска денеска ја прифати првата група мигранти – четворица Еритрејци, кои пристигнаа од Италија согласно шемата на ЕУ за прераспределување, која предизвика критики и отпор од страна на некои членки на Унијата, пренесоа британските медиуми.

Согласно шемата на ЕУ, што беше договорена во септември, и предвидува преместување на вкупно 160.000 мигранти од Грција и Италија, Хрватска треба да прими 1.583 мигранти. Само мал број мигранти досега се преместени во други земји заради отпорот на некои земји членки, особено во Централна Европа, кои изјавуваат дека ќе биде тешко мигрантите да бидат интегрирани во нивните средини. Повеќето од мигрантите се муслимани од Блискиот исток.

-Ние ќе направиме се што треба за животот да Ви го направиме полесен и да Ве ослободиме од проблемите кои ве натераа да го преземете ова патување, изјави министерот за внатрешни работи на Хрватска Влахо Орепиќ при нивното пристигнување.

Мигрантите привремено ќе бидат сместени во прифатен центар за азиланти во главниот град Загреб.

Од септември до март преку Хрватска минаа околу 650.000 лица, користејќи ја таканаречената Балканска маршрута. Оваа маршрута ја користеа мигрантите, главно од Сирија, за да стигнат до Западна Европа, особено во Германија. Маршрутата во голем дел беше блокирана во мај по серијата затворања на границите.