Хрватска: Јосиповиќ и Грабар-Китаровиќ во вториот круг на претседателските избори

Актуелниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ и поранешната хрватска министерка за надворешни работи Колинда Грабар-Китаровиќ добија најмногу гласови на претседателските избори, што се одржаа вчера во Хрватска, но ниту еден од нив не успеа да освои повеќе од 50 отсто од гласовите, пренесе МИА.

Новиот хрватски претседател ќе биде познат по вториот круг од изборите,што ќе се одржи на 11 јануари.

Според првите резултати, на вчерашното гласање победи Јосиповиќ, освојувајќи 38,5 отсто од гласовите, додека неговиот главен против-кандидат, Грабар-Китаровиќ освои 37 отсто.

Другите двајца кандидати, Милан Којунџиќ од Сојузот за Хрватска и Иван Велибор Синчиќ,од Жив Ѕид, далеку заостануваат зад Јосиповиќ и Грабар-Китаровиќ.

Минималната предност на актуелниот претседател претставува изненадување, затоа што последните мерења на расположените на гласачите покажуваа дека Јосиповиќ ќе добие околу 46 отсто од гласовите, а Грабар-Китаровиќ 36 отсто.

Првиот круг се одржа во услови на студено време и врнежи од снег,па одзивот на гласачите до 17 часот, на само два часа до затворањето на гласачките места, изнесуваше околу 37 отсто.

Иво Јосиповиќ е познат хрватски правик, но тој е и музички образован и компонира дела од класичната музика. На овие избори тој е кандидат на владеачката колаиција од партии.

Колинда Грабар-Китаровиќ е кандидат на главната опозициска партија Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

Претседателот во Хрватска има главно церемонијална улога да ја претставува земјата, со овластувања во надворешната политика, а според хрватскиот Устав, тој е и врховен командант на армијата.

Овие претседателски избори се оценуваат како политички тест за рејтингот и позициите на политичките партии пред парламентарните озбори. Предвидено е изборите за нов состав на хрватскиот Парламент (Саборот) да се одржат пред крајот на 2015 година.

Хрватска е најмладиот член на ЕУ, која во Унијата влезе на 1 јули 2013 година. Земјата веќе шеста година се наоѓа во рецесија, а невработеноста се приближува до 20 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.