Хрватска ќе ги отпишува долговите по стапките на Македонија

Хрватска го копира македонскиот модел за отпис на долгови. Министерката за социјална политика и млади, Миланка Опачиќ, и министерот за финансии Борис Лаловац, седнаа на заедничка маса со хрватските банки и мобилни оператори. Побараа да им ги простат долговите на најсиромашните, кои борчат помалку од 10.000 куни (81.000 денари), кои не ги платиле во период од една година и се под закана за присилна наплата, пишува Лидер.

Министерката порача дека критериумите ќе бидат многу прецизно дефинирани и дека ќе биде елиминиран секој обид за манипулација

-Се разбира дека нема да им ги простиме долговите на оние кои имаат по два или три автомобили. Ние сакаме да им помогнеме само на оние кои едвај ја држат главата над вода, истакна Опачиќ.

Со отписот ќе бидат опфатени социјалните случаи, невработените, пензионерите со ниски примања. Според проценките, ќе бидат опфатени 140 илјади граѓани, а вкупно ќе бидат отпишани околу 500 милиони куни.

-Државата ќе интервенира. Се надевам дека ќе постигнеме договор со доверителите, бидејќи сме многу блиску до такво нешто. Следен чекор е да го потпишеме и конечниот договор, со што ќе покажеме дека нашата држава е социјална. Мерката ќе се однесува на оние луѓе кои не по своја вина се доведени во незавидна ситуација, туку како како резултат на долгогодишната криза,  истакна министерот за финансии, Борис Лаловац.

Хрватската економија шеста година по ред е во рецесија, со ниту еден позитивен квартал.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.