Хрватска ќе и’ испорача на Германија поранешен шеф на УДБА

Германија го бара поранешниот челник на југословенската тајна служба, УДБА, Здравко Мустач  поради сомневање дека бил вмешан во убиството на политичкиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година во Минхен. Поради истиот случај на Германија претходно и беше испорачан и поранешниот југословенски и хрватски разузнавач Јосип Перковиќ.

Адвокатот на Мустач, Лидија Хорват за хрватските медиуми потврдила дека Врховниот суд ја одбил жалбата на одбраната и обвинителството, на решението на судот во Вараждин да го одобри испорачувањето на Мустач, врз основа на европскиот налог за апсење.

Случајот на Мустач се искомплицира откако судот во Велика Горица го одби неговото израчување, но на ваквата одлука се жалеше вдовицата на убиениот Ѓурековиќ, по што Врховниот суд на Хрватска  ја донесе конечната одлука.