Хрватска мака мачи со пациентите кои закажуваат во повеќе болници – Македонија ова го реши во 2011

Пациентите во Хрватска речиси истовремено закажуваат смимање во повеќе болници, а кога ќе дојдат на ред во една здравствена установа закажаните снимања во другите болници не ги откажуваат. Ова според хрватските здравствени власти предизвикува долги листи на чекање, пишуваат тамошните медиуми, објавува порталот „Здравство24“.

На пример за ехо на срце во болницата “Сестри на Милосрдието” се чекало повеќе од 100 дена, па морало да се воведат попладневна смена за да се намали чекањето на 40 дена, анализира телевизијата RTL. Во Македонија за истата здравствена услуга се чека 10 дена.
За магнетна резонанца во Хрватска се закажувале снимања дури за 2017 година, но кога била направена ревизија на листата со телефонски јавувања на пациентите се воспоставило дека листата на чекање е до септември годинава. Кај нас за магнетна резонанца се чека 11 дена.

За да се справи со проблемот истовремено закажување за преглед или снимање во повеќе болници од оваа лето Хрватска планира да воведе електронско упатување на пациентите, нешто што Македонија го започна во ноември 2011-та година. Тогаш кај нас стартуваше електронско закажување и упатување само кон 3 апарати: компјутерски томограф, магнетна резонанца и мамографија.
Според информациите од министерството за здравство тогаш само со еден месец имплементација на овој проект листите на чекање од 18 месеци биле симнати на една недела.

Од македонското министерство за здравство велат дека креирањето на упатите е целосно контролиран процес.

-Од тогаш па до ден денес не можат да се издадат два упати кон иста специјалност или апарат, што овозможува огромна транспарентност на листите. Сите пациенти се реални и нивните податоци се преземаат директно од Фондот за здравствено осигурување, објаснуваат од министрството.

Инаку претходно и кај нас имаше нетранспарентни листи, непостоечки пациенти или пациенти кои фигурираат во повеќе здравствени установи за една иста услуга.

Време на чекање за снимање во Македонија

За разлика од Хрватска во Македонија според податоците од Мој термин моменталните времиња на чекања се следните:

-За магнета резонанца се чека 11 дена (УК за радиологија и болницата св. Наум Охридски)
-Компјутерска томографија – Во Струмица уште за денес 09.03 има термин, а за во Скопје се чека 11 дена.
-Ехо на срце -до 10 дена во (Битола,Тетово, Штип, Прилеп, Охрид, Велес, Кратово, Гевгелија, Струга, Ресен) , а од 10 до 25 дена се чека во (Скопје, Куманово, Кочани и Струмица).

Од лани се воведени и електронски закажувања за сите хируршки интервенции, односно се она што се водеше нетранспаренто во дневник. Сега и операциите се водат во Мој термин, надлежните уверуваат дека и тука серизоно е намалена листата на чекање за катаракти или на дигестивна хирургија.

Инаку според податоците од Мој термин во првите два месеци годинава во јануари и февруари биле издадени 700.000 специјалистички упати за 610.000 различни пациенти.