Спорт

Хрватска се извини за кукастиот крст на теренот на Пољуд во Сплит

Хрватска се извини за кукастиот крст на теренот на Пољуд во Сплит

Хрватскиот фудбалски сојуз (НСХ) се извени за кукастиот крст (свастика), поставен на теренот на стадионот „Пољуд“ во Сплит, каде синоќа играа репрезентациите на Хрватска и Италија.

„Свастиката“ се смета како симбол на германскиот фашизам во текот на Втората светска војна, а во тревата беше забележана непосредно пред излегувањето на фудбалерите на терен.

Организаторите се обидуваа да ја отстранат пред натпреварот и за време на полувремето, но не успејаа многу во тоа.

Засега не е познато како и кога е „исцртан“ кукастиот крст. Се претпоставува дека тоа е правено при косењето на тревата и се верува дека било изведено 24 до 48 часови пред натпреварот, за да може да се забележува во текот на играта.

– Ова е саботажа и ние очекуваме полицијата да ги открие и да ги идентификува сторителите, изјави денеска во Загреб портпаролот на НХС, Томислав Пацак.

Натпреварот во рамки за квалификациите за Европското првенство идната година во Франција, во Сплит се играше пред празен стадион поради казната на УЕФА за Хрватска по инцидентот во март годинава на натпреварот со Норвешка, кога дел од публиката навиваше извикувајќи нацистички пораки.

За „кукастиот крст“ на Пољуд информирана е УЕФА и сега се чека нејзината реакција.

– Ова што се случи синоќа со свастиката на терен е срам не само за нашиот фудбалски сојуз, туку и за цела Хрватска, се вели во соопштението.

Претседателот на НСХ, Давор Шукер изрази жалење и призна дека станува збор за стар проблем кој сојузот го има со хрватските навивачи.