Хрватска со план да го воведе еврото до 2020 година

Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ очекува дека нејзината земја до 2020 година ќе го воведе еврото како национална валута, иако оваа најмлада членка на ЕУ одбива да одреди датум во врска со ова прашање.

Воведувањето на еврото е едно од несогласувањата меѓу Грабар Китаровиќ и премиерот Зоран Милановиќ. Според шефицата на хрватската држава, воведувањето на заедничката европска валута во следните пет години е важно за хрватската економија. Таа смета дека подготовката на економијата за пресудни предизвици, вклучувајќи го и воведувањето на еврото, бара поголема соработка меѓу работниците и работодавците, но и инвеститорите кои ќе бидат подготвени да вложуваат и во континенталниот дел од земјата – далеку од туристички ориентираниот и доминантен јадрански брег.