Хрватска утре го прославува Денот на независноста

На 8. октомври 1991 година хрватскиот Сабор едногласно донесе Одлука за раскинувањена сите државноправни врски со поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија со што Хрватска стана независна и самостојна држава.

Хрватската држава со оваа одлука од пред 23 години се откажа од легитимитетот и легалитетот на сите тела на поранешната југословенска држава и утврди дека не признава за валиден ниту еден правен акт од кое било тело што настапува во име на СФРЈ.

Одлуката беше донесена три месеци по Брионската декларација со која Република Хрватска се обврза на тримесечно оддложување на самостојноста и сувереноста на барање на Европската заедница, која побара југословенската криза да се реши на мирен начин, наведува агенцијата Хина.

Претседател на Хрватска во тоа време беше Фрањо Туѓман.

Претходно, на 19 мај 1991 година, беше оддржан референдум за хрватската самостојност. На референдумот излегоа 83,56 отсто од избирачите. Од нив дури 94,17 отсто се изјаснија за самостојност, а за останување на Хрватска во Југославија како единствена сојузна држава, што  беше втората понудена опција, гласаа само 1,2 отсто од избирачите.

Во согласност со резултатот од референдумот, Саборот на Република Хрватска  на 25 јуни 1991 година донесе Уставна одлука за сувереност и самостојност на Хрватска.