Хрватска загуби од Шведска, Србија избори пласман натаму

Хрватската ракометна репрезентација во последниот меч од Групата А од првиот круг од Европското првенство во вторникот вечерта во Сплит беше поразена од Шведска со 31:35 (12:17), додека Србија го совлада Исланд со 29:26 (12:12) и со овој неочекуван расплет во третото коло по двата стартни пораза сепак се квалификуваше во вториот круг.

Хрватите одиграа многу слабо во одбраната која им овозможи лесни реализации на Швеѓаните, а особено беа голманите Стевановиќ и Пешиќ кои заедно имаа само шест одбрани. Хрватска водеше во 7 минута со 4:3, но потоа следуваше период пад и разигрување на Швеѓаните кои го преземаа водството со 9:4 .Во продолжението од дуелот сѐ одеше само полошо за домашната селекција, па на 20 минути пред крајот Шведска имаше водство од „плус девет“ 25:16. Хрватска во 56 минута успеа да намали на 28:31, а потоа дојде од 31:34 но на само петнаесетина секунди до крајот.

Претходно во истата група Србија го совлада Исланд со 29:26 (12:12), што им ги продолжи надежите за продолжување на престојот во Хрватска, што неколку часа подоцна им го овозможи триумфот на Шведска. Исланд во последните три минути не постигна гол, а Србија со серија 3:0 од 26:26 дојде во водство од 29:26, иако во тој момент ѝ беше потребна победа од четири голови разлика, под претпоставка дека Хрватска е сигурен победник против Шведска. Така во последните секунди имаше вистинска драма, кога шутот на Красон беше блокиран, а ударот на Ненадиќ го одбрани Густавсин.

Со ваквиот расплет Хрватска заврши втора во групата со 4 одови, колку што освои и првата Шведска. Но поради оваа победа Швеѓаните по два дена во новоформираната група во Загреб ќе пренесат 4 бодови, а Хрватска два, додека Србите благодарејќи на шведската победа одат натаму без бодови. Во оваа нова група се пласираа и Франција, Норвешка и Белорусија, кои ги заземаа првите три места во Групата Б. Франција пренесува 4, Норвешка 2 а Белорусија е без бодови. Пласманот во полуфиналето ќе го изборат двете првопласирани репрезентации од групата.