Хрватскиот суд му ја намали затворската казна на Санадер

Врховниот суд на Хрватска денеска ја намали казната за корпција на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер од 10 на 8,5 години затвор.

Санадер беше осуден на 19 ноември 2012 година на затворска казна од 10 години поради земање поткуп од две странски компании – австриската банка „Хипо Алпе Адриа“ во 1995 година и од унгарската компанија МОЛ во 2008 година.

Судот го прогласи Санадер за виновен поради земање на 10 милиони евра поткуп од директорот на унгарската нафтена компанија МОЛ во замена за добивање на контролниот пакет акции во хрватската компанија ИНА, како и за земање провизија од околу 545.000 евра за кредит, кој Хрватска го добила од австриската банка кон средината на 90-тите години на минатиот век, кога Санадер беше заменик-министер за надворешни работи.