Хулигански пресметки низ Сараево – има повредени

Вистинска „војна” низ Сараево се случуваше синоќа до доцна вечерта во босанската престолнина, откако навивачите на Лех Познањ и домашните приврзаници на Сараево, „Хорде Зла” се судрија и брутално се пресметаа на неколку локации во градот.

Според информациите на босанските медиуми, „војната“ на улиците траела и по 1 часот по полноќ, а се започнало по вечерната пресметка во Баш чаршија, кога наводно 30-та домашни навивачи нападнале помала група на Полјаци. Сѐ почнало, наводно од скандирање на озогласените полски хулигани низ Сараево со извици – „Ова е Србија“.

Најбрутално било во населбата Вoгошча, каде 100-на Полјаци се судриле со локалното население, со навивачите, па буквално делот околу хотелот „Сонце“ бил демолиран, вклучувајќи го и самиот хотел. Полиција и специјални единици до доцна вечерта се обидувале да го вратат редот и мирот во градот, а во пресметките се користело буквално се, од палки, факли, метални прачки, до столици… Неофицијално бил употребен и солзавец, а засега шест навивачи со расекотини завршиле во болница.

Оштетени се неколку возила, едно амбулантно возило, а еден автомобил бил запален. Сепак, детали за сето ова ќе има денеска наутро, кога полицијата ќе објави што сѐ случувало и колкава материјална штета е направена, како и тоа колку припадници на хулиганските групи се успасени и повредени.

Сараево и Лех вечерва од 21 часот на „Кошево“ ќе го одиграат првиот меч од двобојот во второто квалификациско коло во Лигата на шампионите.