Хуманитарен концерт: Со по 100 денари да и помогнеме на д-р Евица

Докторката Евица Бојаџиева од Штип има 34 години, мајка е на две малолетни деца и боледува од карцином на црниот дроб.

Лекувањето кое мора да го направи во Кина и третманот чинат 120.000 долари и затоа и е потребна наша помош.

Група на хумани граѓани, меѓу кои и директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова, со голема поддршка од градот Скопје и општините Штип и Карбинци покренаа иницијатива за организација на голем хуманитарен концерт за собирање на средства за нејзиното лекување.

-Доктор Евица е наш колега, само што не стана педијатар. Тешката болест ја запре во тоа. Ги вложуваме максималните заложби да и помогнеме на една мајка иден педијатар и храбра жена. Таа мора да отиде во Кина со посебна терапија за излекување. Да ја видиме здрава, за таа да може да ги лекува децата во Македонија, истакна Софијанова.

Концертот ќе се одржи на 6 ноември во Дом на АРМ, со почеток од 19 часот.

На него ќе настапат Соња Тарчуловска, Зоран Џорлев, Наум Петрески, Димитар Андоновски, Тони Зен, Влатко Илиевски и многу други македонски естрадни уметници.

Влезниците за концертот ќе бидат во продажба од утре, на големи штандови на плоштад Македонија и кај трговскиот центар Сити мол.

Една влезница ќе чини 100 денари.

Бојаџиева треба да отпатува во Кина една недела по хуманитарниот концерт.