Хуманитарна акција во Австрија за поплавените подрачја во Македонија

Акција за помош на настраданите од големите поплави што зафатија делови од Македонија е во тек во Австрија.

На апелот за помош што го упати македонската Амбасада во Виена се одзваа повеќе македонски организации и поединци од Австрија.

Парични средства донираше и Управата на македонската црковна општина Свети Наум Охридски од Виена, како и задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Австрија.

Во просториите на црквата во Виена оваа сабота ќе се одржи и концерт, а сиот приход ќе биде наменет за настраданите од поплавите.

Од македонската Амбасада информираат дека кон акцијата за прибирање помош се вклучи и Австриско-македонското друштво за пријателство.