Македонија

Хуманитарна помош од Словенија за општина Новаци

Хуманитарна помош од Словенија за општина Новаци

Општина Новаци соопшти дека секојдневно се зголемува хуманитарната помош на локалната самоуправа, а со цел поефикасно справување со последиците од поплавите во општината, пренесува МИА.

– Помош доаѓа од секаде и од секого, од поединци и компании, институции и организации, а денес пристигна директна поддршка и од Словенија, истакна градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Посочи дека најголем дел од хуманитарната помош е во финансиски средства и затоа отвориле денарска и девизна жиро-сметка.

– Тоа беше на барање на наши Новачани кои живеат во странство, во прекуокеанските и западноевропските држави. Но, помош пристигнува и од збратимените општини, како што тоа го направи општината Хрпеље-Козина од Словенија, потврди Котевски.

Инаку, во општина Новаци постепено се стабилизира состојбата со поплавените површини, а во најголем дел водата и се повлекува.

– Подготвени сме за евентуално ново надоаѓање на води и зголемување на водостојот на реката Црна кое може да го предизвика наглото топење на снегот. Со одлуката на Пелагонискиот кризен штаб за интервентно санирање на најоштетените делови на коритото на реката Црна, сметаме дека нема да се случат поголеми проблеми, а потоа напролет да се почне со крупно и генерално решавање на проблемите со коритото на реката, посочи Котевски.