Хуманитарна трка за основање центар за Вилсонова болест

Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија повикува на масовно учество на втората хуманитарна трка „Подај рака 2016“, што ќе се одржи утре на кејот на реката Вардар, во близина на мостот кај хотелот „Александар Палас“.

Целта на оваа хуманитарна, штафетна трка е собирање средства за отворање регионален центар за поддршка на заболени од Вилсонова болест. Трката ја организира Здружението на граѓани за лица со ретка болест Вилсон – Македонија, а средствата од котизацијата ќе бидат наменети за отворање на центарот.

Вилсонова болест е ретко генетско заболување и подразбира нарушување на метаболизмот на бакарот, кој како резултат на тоа не се исфрла од организмот и се таложи во црниот дроб, мозокот и други органи. Доколку не се третира, понатаму предизвикува сериозно невролошко нарушување.

Цената за регистрација за штафетната трка изнесува 600 денари по тим. Секој учесник има можност да купи и маичка со лого на настанот по цена од 200 денари. Заинтересираните за учество во акцијата може да се регистрираат на следниот линк: https://www.smartrace.club

Секој тим се состои од 2, 3 или 4 учесници и може да е мешан – машки и женски. Вкупната должина што секој тим треба да ја измине е 4000 метри. Трката има и симболичен натпреварувачки карактер во категориите семејство и пријатели или за корпоративни тимови.

Во рамки на настанот ќе се организира и детска штафетна трка на 7 минути за деца до 12 години. Учеството во детската трка е бесплатно.