Хуманоста на дело: Вработените во „Алкалоид“ донираа 750 илјади денари за Црвениот крст

Хуманоста на дело. Вработените во „Алкалоид“ изминатата недела донираа повеќе од 750 илјади денари во Фондацијата „Трајче Мукаетов“, наменети за Црвениот крст на Република Македонија.

Покрај вработените, кон донациите се приклучија и членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели, за што добија специјално дизајнирана маичка. Средствата ќе бидат донирани за Црвениот крст на Република Македонија. За ова, на традиционалниот петти по ред хуманитарен пикник на фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје, говореше генералниот директор на компанијата Живко Мукаетов.

Вработените во „Алкалоид“ донираа 750 илјади денари за Црвениот крст
Вработените во „Алкалоид“ донираа 750 илјади денари за Црвениот крст

Мукаетов посочи дека годинава одлучиле средствата да ги донираат на Црвениот крст на Република Македонија, имајќи предвид дека ја знаат неговата хумана мисија и колку се трудат да им помогнат на сите категории на луѓе кои имаат потреба од тоа, посебно имајќи ја предвид состојбата со мигрантите кои во огромен број циркулираат низ Македонија.

Со ова „Алкалоид“ уште еднаш потврдува дека е општествено одговорна компанија која во секое време се труди да им помогне на оние кои имаат потреба, додаде Мукаетов, пренесе МИА.

За донацијата се заблагодари генералниот секретар на Црвениот Крст Сузана Тунева Пауновска. Таа посочи дека за нив претставува посебна чест и гордост зад нивната хумана мисија да ја имаат компанијата „Алкалоид“.

Како што рече, компанијата изминатите години покажала дека корпоративната одговорност и хуманиот и социјален одговор во заедницата се нивна дневна агенда.

Црвениот крст на РМ сака да ви се заблагодари за тоа што ги препознавте капацитетите на оваа хуманитарна организација да излезе во пресрет на потребите на ранливите категории население во државата и огромниот број мигранти. Заклучно со вчерашниот ден 127.000 мигранти транзитираа низ нашата држава. Kако народ ја имаме хуманата димензија и сите заедно можеме да покажеме дека нашата таковина навистина може да биде место за добробит на секој човек кој се нашол во неволја, истакна Тунева Пауновска.