Хумелс: Никому не сум дал ветување за трансфер

Германскиот репрезентативец Матс Хумелс вчера беше буквално преселен во англискиот великан Манчестер јунајтед. Еден куп медиуми, па дури и официјалната страница на ФИФА објавија дека фудбалерот на Борусија Дортмунд му дал ветување на Манчестер јунајтед дека ќе дојде на “Олд Трафорд”.

Сепак, неколку часа по овие информации, Хумелс реши сето тоа да го демантира и да посочи дека е – чиста лага!

“Да појаснам, тоа е чиста шпекулација. Сѐ е измислено. Никакво ветување…”, напиша Хумелс на својот Твитер-профил.

Германски медиуми открија, пак, дека Хумелс пред три години бил блиску до трансфер во Јунајтед, откако сер Алекс Фергусон лично се заложил кај управата да купи три ѕвезди на Борусија – Роберт Левандовски, Шинџи Кагава и Матс Хумелс. Но, Борусија во мај 2013 стигна до финале, а челниците на “милионерите” успеале да ги разубедат Левандовски и Хумелс да не ја прифатат поканата од Фергусон.

Според информациите на медиумите, актуелната цена на Хумелс е 40-на милиони евра.