И британската кралица мора да штеди

Резервите на кралското семејство паднале на рекордно ниско ниво, па британските пратеници го повикаа кралскиот дворец  да ги намали трошоците.

Како што известуваат од Комисијата за државните сметки, финансиските ресурси на кралицата се намалени и достигнале до еден милион фунти или 1,2 милиони евра, што е алармантно ниско. Намалувањето на кралските резерви следи  по дефицит од 2,3 милиони фунти во минатите две години.

„Од 2007-2008 година кралскиот дворец ги намалил своите трошоци за 16 отсто, но 11 проценти се должат на зголемувањето на неговите приходи, а само пет отсто на намалување на трошоците. Според нас постои можност уште да се намалат трошоците и да биде поефикасна програмата на кралицата“, истакна Маргарет Хоџ, претседателка на Комисијата. Таа додала дека Министерството за финансии не си ја завршило работата бидејќи не ги контролирало трошоците доволно.

Исто така, од Комисијата наведуваат дека се потребни поголеми суми за да се одржат на достоинствено ниво имоти кои му припаѓаат на кралскиот дворец, а кои се од национално значење, како што се Музејот на Викторија и Алберт во Лондон, потоа Бакингамската и Виндзорската палата, кои чекаат подолг период да бидат реновиран.

Според информациите од британските медиуми, во Бекигемската палата има 775 соби, а некои од нив не се реновирани повеќе од шест децении. Портпаролката на кралското семејство, истакнала дека одржувањето на палатата е еден од приоритетите на кралицата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.