И Буралиева и Ризаов удрија по Заев и Шекеринска

Зоврени страстите во опозициските редови откако Зоран Заев, Радмила Шекеринска  и останати високи функционери на СДСМ присуствуваа на прославата на „Дајнерс“ во новиот МНТ.

На социјалдемократската елита не и пречеше да слави, напротив уживаше во објектот кој е дел од проектот Скопје 2014, за кого претходно упатуваа само погрдни зборови и велеа дека е кич.

Овој потег на високото претставништво на СДСМ ги изреволтира и новинарите кои во јавноста важат за лица кои ја симпатизираат опозицијата. Тие отворено “распалија“ по раководството на партијата.

По Саше Ивановски – Политико, Васко Ефтов, Јорданка Ивановска – Јоци, со своја реакција се јавија и други поддржувачи на политиките на опозицијата, меѓу кои и Никола Гелевски, Ерол Ризаов, но и пратеничката Љубица Буралиева.

Таа на својот фејсбук профил објави статус во кој на функционерите на опозициската СДСМ им порача дека животот на луѓето кои ги следат вредат повеќе од политичките „лакирани кондури“.

-Никола, и мојата линија на ,,раздвојување“ е токму така исцртана. Со ризик на движење надвор од ,,линијата без линија“, пружив личен отпор, не за да признаам нешто што не само што не е за признавање (ами за вистинско уривање), туку самоубиствено да рикнам (викнам) дека животите на луѓето што ве следат вредат повеќе од политичките ,,лакирани кондури“. Досега не влегов во шљаштавиот објект токму затоа што го сакам вистинскиот театар кој во вакви услови вирее ( само со висок културно-уметнички здив) и на улицата од моето маало, и во прилагоден хангар, со публика со истенчен вкус и искреност во погледот кон сцената, со јасна визија кога завесата треба да се спушти, пишува Буралиева.

buralieva

Ниту новинарот Ерол Ризаов, кој исто така важи за поддржувач на опозицијата не остана рамнодушен и во колумна јавно го искара лидерот на СДСМ, Зоран Заев, велејќи дека им приредил чудо со  промоцијата на старо-новиот театар.

-Второто чудо ни го приреди лидерот на опозицијата Зоран Заев. Човекот, ни пет ни шест, храбро и на голема врата влезе во „Скопје 2014“. Стана дел од славната историја на преродбата на Македонија и се запиша како прв опозициски политичар кој го промовира старо-новиот театар, на големо задоволство на сопартијците од врвот на СДСМ и пријателите од ВМРО-ДПМНЕ и Владата.

Уредникот на соросовиот портал Окно, Никола Гелевски, пак, пишува дека Радмила Шекеринска го направила најголемиот гаф во својата досегашна политичка кариера, организирајќи сопствена деловно-семејна прослава во старо-новиот објект на МНТ, еден од “најважните симболи на опасниот груевистички проект СК014“.

-Дека Радмила Шекеринска, некогаш најголемата македонска политичка надеж, подолго време е дел од скопските малограѓански шеми – не е некаква новост. Таблоидите чат-пат се бават со таа тема. Ништо страшно во ерата на сеопштата естрадизација и позерство. Исто така, дека опозицискиот блок, чијшто важен предводник токму е Шекеринска, се наоѓа во хронична политичка криза – и тоа главно е познато.Но, дека Радмила Шекеринска ќе стане веројатно најважниот досегашен позитивен верификатор на СК014, најстрашниот политичко-културен проект во историјата на Македонија – тоа ретко кој можеше да го сонува (дозволувам, освен упатените во приликите; а не сум тој; јас сум меѓу стаписаните), пишува Гелевски.

Тој пишува дека токму затоа во политичка смисла е непростлив гафот на Шекеринска, за која вели дека во голема мера го изгубила својот политички кредибилитет.

-Стојам до ставот дека гестот на Шекеринска е рамен на политичко самоубиство. Низ нејзиниот најнов поразителен гест сфатив и друга важна работа: таквите кадри во СДСМ се совршено олицетворение токму на културно игнорантските политики на Бранко Црвенковски. СДСМ е склон кон вакви квазирационални критики на СК014 („подобро патишта отколку галии“), без да влезе во културната суштина на лудилото кое зрачи политичка радиоактивност од највисок степен, пишува Гелевски.

Претходно, низа критики кон раководството на СДСМ пристигнаа и од други поддржувачи на опозицијата. За Саше Ивановски-Политико, потегот на Заев и Шекеринска е “чист политички автогол“, додека Васко Ефтов смета дека присуството на опозицијата во проектот кој толку многу го критикува е “намерно пукање во нога“.

sase-ivanovski

Ивановски сега бескруполозно плука по СДСМ-овската елита која се појави на прославата на „Дајнерс“, организирана во новиот театар, објект од проектот „Скопје 2014“, што за опозиционерите е  расипнички и најголемиот кич што досега и’ се случила на метрополата.

Во својата колумна тој јавно го прашува директорот на „Дајнерс“, Божидар Јанковски, сопруг на Радмила Шекеринска, зошто го  одбрале новиот театар за да направат роденденски коктел, а не на пример некој хотел или ресторан, кога сите тие плукаа по него додека се градеше? Испаѓа дека доколку нивниот „диктатор“ , како што го нарекуваат премиерот Никола Груевски,  не го изградеше театарот, елитата на СДСМ ќе немаше каде да ја покаже својата скапа облека и да организира вакви богати забави.

Тој револтирано коментира дека требало „Бране да се појави од некаде на забавава, па да земе едно дебело дрво, па да удри, да удри, да удри, док мрдаат сите овие морони од СДСМ и да ги фрли во Вардар затоа што они сами треба да се фрлат ама не им текнува…“.