И Центар ќе го поскапува паркирањето

Откако новиот и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави зголемување на цените за паркингот во главниот град, и општината Центар ја разгледува можноста за поскапување на паркинг блетот, а за ваквата одлука во средата разговарале градоначалникот Саша Богдановиќ, како и скопскиот градоначалник од владејачката СДСМ, и в.д. директорот на ПОЦ Вангел Андрески.

Од општина Центар сметаат дека поскапувањето на паркингот ќе ги стимулира граѓаните да го користат јавниот градски превоз со што значително ќе се намали загадувањето.

Иако како едно од главните ветувања на кандидатите за градоначалници на СДСМ во пред изборите беше чистиот воздух, без никакви мерки како до тоа би дошло. Ова беше потврдено во периодот кога загадувањето е најголемо, а градските власти кажаа дека се без прецизни планови за справување со проблемот. Тие во писмено соопштение наведоа дека сите активности се во фаза на предвидување и планирање.

„Планот предвидува краткорочни и среднорочни мерки во однос на загадувањето. Планираме уште зимава да воведеме забрани за градежни активности во најзагадените делови на градот. Предвидуваме и нови политики во јавниот превоз и промоцијата на велосипедизмот“, се вели во соопштението од градот Скопје.

Шилегов ден претходнбо уште еднаш потврди дека нема план за справување со загадувањето, а рече дека планот ќе бил објавен на 15-ти ноември. Очигледната безидејност како да се справи со овој проблем, според Шилегов може да се реши со директен удар по џебот на граѓаните, тој најави поскапување на паркингот на град Скопје, како една од мерките за загадувањето во градот Скопје.

„Една од мерките што ја замисливме е скалесто покачување на паркирањето во центарот за оваа зима и намалување на јавниот билет, додека не дојдеме до состојба на бесплатен јавен превоз“, рече Шилегов.

Иако СДСМ ветуваше повеќе пари во џебовите на граѓаните, очигледно дека ова ветување го заборавија, со мерки во краток период директно удираат по џебот на граѓаните, велат експертите. Прво се најави дека од стартот на 2018 година ќе се покачи акцизата на дериватите за 3 денари, што значи дека со се данокот, граѓаните ќе плаќаат 3,54 денари повеќе за еден литар дизел, а сега градоначалникот најави и поскапување на паркинг услугата во главниот град. Според нив ова претставува директен удар на оние кои автомобилот им е неопходен, на кои автомобилот им е работа, а индиректно и по сите граѓани, поради поскапувањата кои следуваат после мерките кои СДСМ ги најави откако поминаа изборите.