И дефинитивно Работнички со скратени ресурси ќе се бори за врвот

Докузовски ќе има тешка задача сезонава - со ограничени ресурси да се бори за врвот

Оставките што беа најавени од страна на водечките луѓе на клубот барем привремено се одложени откако беа добиени уверувања дека парите неопходни за “дишење на шкрги” на клубот од “Градски парк” ќе бидат обезбедени во најскоро можно време. Поконкретно, обезбедени се средства за Марин Докузовски да може да доведе уште двајца поискусни кошаркари, кои заедно со Димитар Мираковски би го понеле целиот товар во новата сезона.

Приоритет во преговорите ќе бидат дадени на двајцата домашни кошаркари, Стојан Ѓуроски и Бојан Крстевски, со кои се веќе почнати преговори, за токму тие да бидат нови играчи на трофејниот клуб во можеби најтешкиот период од неговата понова историја. Дури доколку некој од нив не се согласи на трансфер во Работнички би се разгледувале други опции, најверојатно со засилувања од странство.

Притоа, на Управниот Одбор децидно било порачано дека повеќе пари за дополнување на “ростерот” нема, со што јасно се става до знаење дека со тројца поискусни играчи и десетина младинци тренерот Докузовски ќе биде принуден со една ваква комбинација на кошаркари да го извлече најдобро што може.

Вакво функционирање на клуб како Работнички дефинитивно е под секое нормално ниво, а останува да се види дали и овие дадени ветувања воопшто ќе се исполнат, по бројните нереализирани зборови упатени од главните финансиери, што Докузовски и неговите најблиски соработници ги слушаа во текот на летово.