И Индиец ќе заигра во НБА лигата

Сакраменто Кингс ноќеска потпиша договор со Сим Булар, џин од 226 сантиметри кој ќе стане прв Индиец што заиграл во НБА лигата.

Приказната за Булар е мошне необична. Тој е роден во Торонто и настапува за канадската репрезентација, но има двојно државјанство, индиски корени и постојано потенцира дека во крвта е Индиец. Од тие причини и НБА го претстави како првиот кошаркар од оваа земја што ќе заигра во најсилната лига во светот.

Со Сакраменто Кингс, Булар потпиша десетдневен договор, а интересно е тоа што тој никогаш не беше избран на драфтот иако се пријави на него минатата година. Сезонава играше за филијалата на Кингс во Развојната лига, Рино Бигхорнс каде просечно постигнуваше по 10,3 поени, 8,8 скока и 3,9 асистенции по натпревар.

Има 22 години, а покрај тоа што е висок 226 сантиметри, има 162 килограми што значи дека ќе биде тежок противник за кој било кошаркар во НБА. Неговото деби се очекува викенд, а од настапите до крајот на регуларниот дел од сезоната ќе зависи дали ќе остане во Кингс и догодина.

Извор: Спортмедиа.мк