И инвеститорите од Јангстаун ќе се запознаат со поволностите за инвестирање

Економска делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, амбасадорот на Македонија во Соединетите Американски Држави, Зоран Јолевски и економскиот промотор, Дејан Величков, продолжува со инвестициските презентации во Јангстаун.

Делегацијата во соработка со „Варен – Јангстаун Регионал Чамбер“, регионална стопанска комора на Јангстаун, организира настан за презентација на инвестициските поволности кои ги нуди Македонија пред претставници на компании кои се заинтересирани за проширување на своите производствени капацитети на територијата на Европа.

„Посетата на градовите засега се реализира успешно. Посетуваме градови во САД кои досега не сме ги посетиле но како области имаат значителен број на производствени компании со глобални операции. Особено важно е што покрај бизнис форумите во секој од овие градови имаме можност да оствариме директни средби со менаџерските тимови на повеќе глобални компании во секој град и во детали да ги презентираме предностите за лоцирање на нивни производствени капацитети во Македонија“, рече Пешевски.

Во рамки на посетата на Јангстаун, планирани се и индивидуални средби со неколку глобални компании од металната индустрија, кои имаат пројавено интерес за условите за инвестирање во Македонија, особено за можностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони.