И кавадарци ќе добие зонско паркирање

Проблемот со паркирањето во Кавадарци кое е се поизразен последниве години поради зголемениот број автомобили ќе се решава со зонско паркирање, пишува Утрински весник. Изготвена е физибилити студијата која е достапна на увид на граѓаните. Општината овој проект ќе го реализира преку јавно приватно партнерство, а цените за паркирање и најповолната понуда на приватниот партнер ќе ги одреди Советот на општината.

Засега е познато само дека во централното градско подрачје ќе постојат три зони на паркирање. Центарот на градот ќе биде прва зона и тука паркирањето ќе биде најскапо. Во физибилити студијата е утврдена цена од 30 денари за првиот час паркирање, вториот час 40 денари, третиот и секој нареден час по 50 денари. Овој паркинг ќе работи во период од 7 до 24 часот. Втората зона ќе биде улицата „Илинденска“ и тука за еден час би требало да се наплаќа 20 денари, а секој нареден час по 15 денари. Паркингот во третата зона е планирано да работи до 19 часот, а првиот час за паркирање да чини 10 денари.

Ќе плаќаат и станарите чии згради се наоѓаат во просторот каде ќе се спроведува зонско паркирање. Според првичните цени, кои дополнително треба да ги утврди Советот, станарите би плаќале минимална сума на годишно ниво. Општината очекува со зонското паркирање да се стимулира алтернативниот превоз и со тоа да се избегне сегашниот хаос.

„Се работи за контрола на зоната на паркирање или за поефикасно користење на јавните површини во општина Кавадарци. Мислам дека е мудар потег да се испита дали јавно приватно партнерство е добар инструмент, бидејќи потребите на граѓаните се големи, а можностите на буџетите се мали. Во тој случај секаде каде што може приватната иницијатива да превземе дел од услугите во име на Општината јас поддржувам. Зонското паркирање во Кавадарци е мудар потег, затоа што ќе се ослободи фискален простор во општинскиот буџет за давање на други приоритетни проекти. Сега сме до фаза на нацрт-студија која е доставена до стручните служби во Општината и пред граѓаните“, рече д-р Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи.

И покрај тоа што модуларниот паркинг во Кавадарци повеќе од еден месец и официјално е во функција, сепак, проблемите со паркирањето во градот продолжуваат.

„Мое лично убедување е дека само со зонското паркирање ќе се надмине проблемот со паркирањето. До крајот на годината им оставаме на граѓаните бесплатно да паркират во модуларниот паркинг, со цел да се навикнат да го користат. Од следната година ќе започне јавно-приватно партнерство и за паркирање ќе се наплаќа“, рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов и нагласи дека сите забелешки кои се издржани, а доаѓаат од граѓаните и правните субјекти ќе бидат содржани во студијата.

Тој убедува дека цените за паркирање нема да бидат високи и дека ќе се движат по примерот на Битола и Штип.