И клиенти од Западен Балкан имале тајни сметки во ХСБЦ

Париски „Монд“ и другите партнерски весници, меѓу кои и швајцарскиот „Темпс“, објавија сторија за разработениот систем од страна на швајцарсата банка ХСБЦ, втора по големина банкарска група во светот. На списокот земји чии што граѓани имале сметки во швајцарската експозитура на ХСБЦ, се најдоа и земјите од Западен Балкан.

Највисоко рангирана во Регионот, по Грција која се најде на 28- то место е Македонија која се најде на 89-тото место со околу 164 милиони американски долари.

Според податоците што ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, во познатата банка имало 9 клиенти од Македонија кои на вкупно 15 сметки имале 164 милиони долари.

Во истражувањето се вели дека 9 клиенти се поврзани со Македонија, или 11 отсто од вкупниот број на клиенти пријавиле дека имаат македонски пасош или државјанство.

Она што посебно паѓа во очи е податокот од истражувањето дека само на една сметка, македонски државјанин има 54,6 милиони долари.

Србија се најде на 121 место, со околу 46, 6 милиони долари вложени во таа банка. Истражувачкиот конзорциум на новинари регистритал 38 клиенти од оваа земја, кои отвориле 93 сметки.

Според документите, 37 граѓани на Хрватска отвориле 77 сметки, а од таа земја вкупно биле вложени 33,2милиони долари. Хрватска се најде на 128 место на глобалната листа.

Словенија се најде на 134 то место со вкупно вложени 24, 5 милиони долари. Тринаесет лица со словенско државјанство отвориле 26 банкарски сметки во швајцарскиот ХСБЦ.

Црна гора го зазема 156-тото место на листата. Осумнаесет државјани на Црна Гора отвориле 17 банкарски сметки и вложиле 7, 5 милиони американски долари.

Последното место во Регионот го зазема БиХ, со вложени 4,3 милиони долари. Седум клиенти отвориле девет банкарски сметки, со што оваа земја се најде на 162-то место на глобалната листа.

ХСБЦ ги призна пропустите на работењето на швајцарската подружница

Извештајот што го објави Меѓународниот конзорциум на новинари покажува дека швајцарската банка ХСБЦ профитирала работејќи со трговци на оружје, посредници на диктатори, шверцери на крвави дијаманти.

Банката ХСБЦ признала дека имало пропусти во работењето на швајцарската подружница, во реакцијата на медиумските известувања дека им помогнале на богатите клиенти да го избегнат плаќањето на даноци и да сокријат милиони долари.

– Свесни сме и одговорни за неодамнешните пропусти во ускладувањето и контролата, соопшти ХСБЦ откако медиумите, меѓу кои францускиот „Монд“ и британскиот „Гардијан“ ги објавија информациите за швајцарскиот огранок на таа банка.

Извештајот на мрежата на репортери од повеќе од 65 држави открива дека во британскиот банкарски гигант ХСБЦ, тајни сметки имале и криминалците познати во повеќе земји, корумпирани лидери, политичари и јавни личности.

Во тајните документи се наведува дека вработените во оваа банка биле свесни за намерата на клиентите да ги скријат парите од властите.

Од Министерството за финансии на Велика Британија порачуваат дека за наводните правни последици за ХСБЦ, одлучуваат регулаторите, а не политичарите, но дека е евидентно дека се стегнува обрачот против мрежата на затајувачи на данок и перење пари.

-Мислам дека најважниот нареден чекор е да се осигура дека ерата на банкарска тајност е зад нас, за во иднина да им оневозможиме на луѓето да ги кријат своите пари во офшор компании. Верувам дека направивме голем напредок да го оствариме тоа во изминатите години. Во наредните две до три години, сите големи финансиски центри во светот, вклучувајќи ја и Швајцарија ќе работат во системот за „автоматска размена на податоци“. Тоа на даночните институции ќе им овозможи размена на информации што практично би требало да ги оневозможи илегалните активности како што се перењето пари или затајувањето данок, тврди Дејвид Гок од Министерството за финансии на Британија.

Податоците се однесуваат на периодот од 1988 до 2007 година, а се поврзуваат за повеќе од 100. 000 поединци и правни субјекти од повеќе од 200 земји во светот.

Главен момент во истрагата било УСБ меморијата што новинарите на францускиот весник „Монд“ ја добиле од анонимен извор, а на кое се наоѓале податоци за трансакциите на ХСБЦ за периодот од 2006 до 2007 година.

– Банката, не само што прифаќала пари од сомнително потекло, кое секако било скриено од даночните институции, туку исто така учествувала и во измамата така што ги советувала своите клиенти како да кријат пари, на пример така што ги советувала клиентите како да направат офшор компанија во земјите како што е Панама, и своите средства да ги префрлат на сметка на тие компании, укажува Фабрис Лом, новинар на „Монд“.

Во истиот весник наведуваат дека банката на тој начин остварувала дополнителен профит, затоа што покрај надоместот за трансакцијата, наплатувала и консултантски услуги.

фото: icij.org