И курдски извори сметаат дека ал-Багдади сигурно е жив

Откако ирачкото разузнавање во неделата ги негираше медиумските информации кои се повикуваа на џихадистичка објава дека челникот на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава е мртов, во понеделникот и висок курдски извор на разузнавањето изјави дека 99 отсто е сигурен дека Абу Бакр ал-Багдади е жив и дека е лоциран јужно од сирискиот град Рака.

Курдскиот функционер Лахур Талибани рекол за Reuters, исто така, дека Исламската држава и по поразот ќе продолжи да го води бунтот.

Се очекува дека идните челници на Исламската држава ќе бидат разузнавачки функционери кои работеле во времето на ирачкиот диктатор сунитот Садам Хусеин, за кои се очекува дека ќе бидат стручњаци за бунтовничка стратегија, додава Reuters.

САД немаат докази дека челникот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади е убиен како што објави телевизијата Al Arabiya и сириската опозициска невладина организација Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, изјави во петокот американскиот министер за одбрана Џим Матис.

„Доколку го знаевме тоа, ќе ви го кажавме. Во овој момент не можам ниту да потврдам, ниту да демантирам. Сметаме дека сѐ уште е жив и засега не можам да го докажам спротивното. Ќе го гониме до крајот.“, изјави шефот на Пентагон.

Руското министерство за одбрана пред две седмици изјави дека ги проверува информациите според кои ал-Багдади загинал меѓу 300-те џихадисти убиени во бомбардирање на руската авијација во Сирија кој крајот на мај.

Смртта на челникот на Исламската држава минатиот вторник ја објави SOHR, ден откако Ирак прогласи победа над џихадистичката групација во Мосул. Директорот на Опсерваторијата, Рахман Адбедлрахман изјави дека „високи функционери на Исламската држава присутни во сириската покраина Деир-ез-Зор ја потврдиле за SOHR, смртта на ал-Багдади, емирот на Исламската држава“.
На 11 јули телевизијата Al Arabia пренесе дека борците на Исламска држава го потврдија загинувањето на својот челник, повикувајќи се на локални извори во ирачката покраина Нанива. Според соговорник на телевизијата, борците на Исламската држава објавиле кусо соопштение во кое соопштиле за смртта на својот водач Аби Бакр ал-Багдади, како и тоа дека многу скоро ќе го објават името на „новиот калиф“.

На 2 јули телевизијата Al Sumaria, повикувајќи се на извори од властите на ирачката покраина Нинева објави дека милитантите на Исламската држава во Ирак се справиле со имамот кој во текот на молитвата спомнал за наводната смрт на ал-Багдади. Група џихадисти кои се доселиле во местото Тал-Афар, западно од градот Мосул, ги убила имамот Абу Катиб, кој бил во потесното опкружување на челникот на Исламската држава, обвинувајќи го дека „шири забуна“ меѓу приврзаниците на ал-Багдади.

Претходно ирански медиум објави снимки на кои наводно се потврдува смртта на ал-Багдади.