И Македонци меѓу уапсените за нелегална работа во Словачка

Осумминa Македонци се најдоа меѓу 72 лица приведени од словачката полиција поради лажни договори за работа, јавија српските медиуми.
Работниците од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Украина, се приведени вчера, но во меѓувреме се пуштени од притвор со забрана за влез во Европската унија и рок од седум дена да ја напуштат Словачка.

Работниците беа сместени во Центарот за странци во пограничното село Медведев во југозападна Словачка, кое служи за привремено задржување на граѓаните, кои нелегално престојуваат во земјата.

Амбасадорот на Словачка во Македонија Мартин Безак изјави за МИА дека засега нема информации во врска со овој случај и дека во моментов ниту може да ја потврди, ниту да ја негира информацијата.

Приведените, според српските медиуми, се обратиле за помош до амбасадите на своите држави.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Елена Пресилска во изјава за МИА истакна дека МНР исто така нема информација за приведените македонски државјани во Словачка.

Таа посочи дека Министерството стапило во контакт со надлежните од дипломатско-конзуларното претставништво во Виена, кое е задолжено за Словачка и оти чека повратни информации за случајот.

Српската државјанка Марија Здравковиќ, која од почетокот на септември работи во Словачка, изјави за Б92, дека приведените работници се држени како криминалци.

– Потпишаа куп хартии, имаа преведувачи, кои не се потрудија да им помогнат. Полицијата вели дека договорот е лажен, како и фирмата за која работат и дека казната е забрана за влез во ЕУ и оти мораат да ја напуштат територијата на Словачка во рок од седум дена, појаснува таа.

Шефовите на фирмата, во која се случил настанот велат дека се е во ред и работниците ги советуваат да продолжат со работа. Полицијата и натаму спроведува рации.

Според Словачкиот јавен радио и тв сервис (РТВС) приведените работеле нелегално за агенцијата „Shin Heung Precision Slovakia“.

РТСВ нагласи дејка словачкото Министерство за труд и социјални прашања веќе подолго време води борба против посредничките агенции, кои ги злоупотребуваат странските работници, ги носат во Словачка со неважечки договори, не им плаќаат социјално и здравствено осигурување и кои често работат во полоши услови, отколку Словаците вработени во исти фабрики.