И Македонија има свој тројански коњ

Според легендата, грчките војски ја опседнале Троја, но цели 10 години не можеле да ја заземат. Се додека Одисеј не е се сетил да изработат голем коњ во кој се сокриле најсилните војници и со помош на грчкиот шпион Синон ги убедиле Тројанците дека коњот е дар од боговите. Иако предупредени, Тројанците гигантскиот коњ го внеле зад градските ѕидини, по што цела вечер ја празнувале големата и долгогодишна победа над Грците. Но, вечерта кога сите спиеле, скриените војници ги отвориле портите на градот. По ова следувало целосно уништување на Троја.

Тројанскиот коњ и ден денес останува најспоменатата метафора за воено-политичка измама. Или, како што многумина велат, не им верувај на Грците и тогаш кога носат дарови.

Сега очигледно многумина се обидуваат Тројанскиот коњ да го внесат во Македонија, а што не чека потоа и што ќе излезе од неговата утроба кој знае.

Не залудно велат дека историјата се повторува. А, оној кој не учи од историјата е приморам да ги сноси последиците. Затоа да не остануваме глуви и слепи, бидејќи не е прв пат да не’ убедуваат дека еден договор е добар за Македонија и дека тој е единствениот пат кон ЕУ и НАТО.

Сите многу добро се сеќаваме, но изгледа некои подзаборавиле, дека така беше и со Рамковниот договор. Кој се не дојде да не’ убедува дека со Рамковниот договор Македонија си го отвора патот кон ЕУ и НАТО. Рамковниот договор се прифати, многу години поминаа, ама еве од НАТО и ЕУ уште ни трага, ни глас. Освен што емисарите на истите тие држави кои не’ убедуваа за Рамковниот договор сега доаѓаат да не’ убедуваат за Преспанскиот договор.

Никој не се запрашува ли како сега да им веруваме на Грците? Зарем немавме времена спогодба со Грција? Спогодба која Грција не ја испочитува. Што сега е различно па да веруваме дека Грција ќе го почитува овој договор.

Ништо не е различно. Тука доаѓаат и ветуваат европска иднина за Македонија, но сосема неевропски бараат тие да ни кажуваат како да ги смениме имињата на сите институции, кои споменици можеме да ги задржиме, а на кои треба да напишеме дека се грчки. Па и црвена вратоврска ни поклонија за да можат на огламник да не’ водат каде сакаат.

И се обидуваат упорно да го внесат Тројанскиот коњ. Го туркаат од сите страни, од надвор, ама и од внатре. Ајде тоа што успеаа да се договорат со актуелната власт и не е толку чудно. Ама тоа што слушаме дека многумина ќе излезеле да гласале за ЕУ и НАТО, но ќе биле против договорот, е тоа е веќе наликува дека успеале да притиснат на многу места.

Како е можно на едно исто прашање да се гласа и За и Против. Велат ќе гласаат за ЕУ и НАТО, но ќе гласале против договорот со Грција. Што ќе заокружат? Или се сами многу збунети или ја потценуваат интелегенцијата на Македонскиот народ.

Сакаат да го прелажат народот да излезе на референдум по секоја цена, па дури и да гласа против. Важно им е да постигнат цензус, бидејќи очигледно и тоа нема да го постигнат.

Ако договорот со Грција навистина е добар и ако навистина водеше кон економски просперитет и евроинтеграција тогаш зошто на било кој од нас би му требало убедување. Ние сите сакаме во ЕУ и НАТО, но како почитувана членка, како земја која ќе го зачува своето достоинство и национален идентитет.

Никој од  надвор не може повеќе од нас да сака добро за  Македонија и за сите нас, бидејќи сите ние и досега сме живееле тука и во иднина ќе живееме тука. Ни Меркел, ни Ципрас, ни Пенс нема да живеат овде. Ако мислат дека такви договори се добри нека ни дадат личен пример. Во нивните земји има многу отворени прашања кои не ги решаваат на ваков начин.

Дури ниту во изјавите на сите што дојдоа да не убедуваат да излеземе на референдум, ниту во кампањата за референдум, нема трошка искреност. Сите не лажат дека Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО. Но нема да влезе, зашто Македонија повеќе ќе ја нема.

Ако беа искрени ќе речеа: Сменете го името и Северна Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО.

Нека излезат јавно и нека кажат така, за сите да го почуствуваме реалниот горчлив вкус кој не чека по 30-ти септември ако овој Тројански коњ успее да влезе во Македонија.

Автор: Живко Јанкуловски, Претседател на ПОДЕМ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.