И официјално новото име на Универзална ќе биде „Тоше Проески“

Советот на Град Скопје ја усвои иницијативата на градоначалникот Kоце Трајановски, за преименување на „Универзалната сала – Скопје“ според трагично загинатата музичка легенда, Тоше Проески. Иницијативата, која значи отпочнување постапка за промена на името, е усвоена едногласно, со гласови од сите советнички групи, пишува „Дневник“.

Трајановски својата одлука ја образложил со фактот дека Проески досега е нашата најголема музичка ѕвезда, популарен и во балкански рамки, кој оставил неизбришлива трага на домашната музичка сцена и допрел многу генерации негови почитувачи. Постапката ќе ја отпочне Управниот одбор на јавната установа.

Стариот објект на Универзална сала, ќе биде урнат поради дотраеност, а на нејзино место ќе се гради објект со двојно поголем капацитет од 2.500 до 3.000 седишта, со мала сала и простории за администрацијата. Идејното решение, според кое ќе се гради салата, беше презентирано пред два месеца од Министерството за култура, и е во форма на јајце. Автори се архитекти од „Стоун дизајн“.