И Пандев дел од кампањата против расизмот

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев е нов амбасадор на проектот кој ја промовира борбата против расизмот на фудбалските терени, преку детскиот куп на шампионите “Да играме против расизмот” кој од утре па до 19-ти мај ќе се одржи во Истанбул.

Ова е трет квалификациски турнир за овој Куп на кој ќе учествува и една од најдобрите фудбалски школи во нашава земја “Академија Пандев” во конкуренција уште на турските Галатасарај и Бешикташ, рускиот Краснодар и белоруски Минск. Најдобрата екипа од оваа квалификациска група ќе обезбеди место на финалниот турнир кој ќе се одржи од 27. до 30 август на новиот стадион на Спартак во Москва.

Од претходните квалификациски турнир веќе се познати четири финалисти, Динамо Загреб, Дачија Кишињев, ПАОК Солун и Спартак Москва.

“Фудбалот ми помогна да пронајдам многу пријатели ширум светот. Ние имаме различна боја на кожата, но се разбираме меѓу себе благодарение на јазикот на фудбалот” – вели во својата порака Горан Пандев.

Пандев, по крајот на квалификацискиот турнир, на 19-ти јуни ќе ги додели и признанијата за најдобрите на овој собир на кој очекуваме Академија Пандев да биде екипата која ќе најде место на финалниот турнир од детскиот куп на шампионите “Да играме против расизмот”.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.