И петмина малолетници меѓу приведените по протестите

Основното јавно обвинителство Скопје преку снимки од безбедносните камери ќе бара докази против лицата приведени во вчерашните протести пред Собранието, а меѓу кои има и петмина малолетници, велт од ОЈО.

Во тек на протестите вчера биле лишени од слобода 26 лица, од кои пет малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода.ОЈО на МВР даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието, како и за малолетните лица. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи, велат од ОЈО.

Од обвинителството велат дека биле известени и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица.

МВР доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, велат од ОЈО.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.