Македонија

И Штипските наставници не го поддржуваат штрајкот на СОНК

И Штипските наставници не го поддржуваат штрајкот на СОНК

Поголема група на професори и наставници од Штип денеска објавија дека нема да штрајкуваат. Тие пред медиумите кажаа дека ги поддржуваат барањата, но дека штрајкот и излегувањето на улица не е опција за решавање на проблеми:

– Штипските наставници и членови на Синдикатот за образование, наука и култура ги поддржуваат, а воедно и се приклучуваат кон барањата на нашите колеги, кои во текот на вчерашниот ден јавно побараа од раководството на СОНК да се повлече од намерата за организирање на генерален штрајк и целосно блокирање на основните и средните училишта. Го делиме ставот дека идејата за бојкот на воспитно образовниот процес на учениците во земјата, произлегува од личните интереси на потесното раководство на синдикатот предводено од актуелниот претседател Јаким Неделков кој оваа година очекува да биде реизбран, односно да ја задржи позицијата од која во изминатите неколку месеци свесно манипулира со нас наставниците и си поигрува со учениците и нивните родителите, често најавувајќи штрајкови. Доколку не е така, Јаким може да докаже многу едноставно – да се откаже од намерата за бојкот и да почека до завршувањето на изборот на претседател на СОНК, а потоа новоформираните тела, па макар и тој бил повторно избран на чело, нека одлучат за сите понатамошни мерки и активности преку кои ќе делуваме во насока на заштита и унапредување на нашите права – кажа професор Милкица Миленковиќ-Стојанова, во име на колегите кои беа покрај неа, пренесува „1.мк“.

Како што беше кажано, тие сметаат дека заслужуваат подобра положба во општеството, подобар економско социјален статус, но тоа можеме да го постигнат само доколку проработат свеста и совеста дека заедничките интереси, треба да се стават пред личните. И најважно, дека децата не смеат да бидат заложници во целата ситуација.

– Ако ние ги учиме децата дека улицата не е место за решавање на проблемите, зошто тогаш некои, како наставници и професори го прават токму спротивното – констатираше Миленковиќ-Стојанова.