И „Си-Ен-Ен“ со сторија за киријата што „Дајнерс“ ја исплаќал на сопругот на Шекеринска

Македонија стана многу интересна дестинација за една од водечките светски телевизиски мрежи „Си – Ен – Ен“, пренесува порталот „Република“.

Откако пред неколку дена на CNN I Reporter беше објавена веста за руинираното средно музичко училиште во Битола , влијателниот американски медиум објави уште еден напис кој се однесува на земјава.

Во текстот се говори за шефот на македонската испостава на „Дајнерс“ Божидар Јанковски кој е сопруг на Радмила Шекеринска, вториот  човек во главната опозициска партија СДСМ.

CNN I Reporter пишува дека сопругот на Шекеринска пријавил за трошок кирија која ја плаќа за сопствениот личен имот кој приватно го поседува, односно дека си плаќа кирија самиот на себе.  Јавноста дополнително беше вознемирена од  сумата која Дајнерс  ја плаќа за тој трошок а кој што е висок дури и за американски стандарди.

Сопругот на Шекеринска , Божидар Јанковски добивал цели 5.317 евра или близу 7300 долари месечно за кирија за сопствениот личен имот во кој живее. Дополнително,  Скопје како главен град важи за еден од најефтините градови за живеење во Европа, и ниту еден недвижен имот во градот не вреди за таа сума кирија што се исплаќа. Коментарите се дека цената за кирија која Дајнерс му ја плаќа на Јанковски е поголема доколку се исплаќа кирија за стан во Лондон, или Менхетен во Њујорк.

Случајот го обелодени пратеникот Илија Димовски кој од собраниската говорница  обраќајки се на Шеќеринска изјави: “На едно место велите дека годишен приход од издавање на стан имате 3.911.641 денар или преведено во евра значи дека од издавање на само еден стан годишно вие остварувате приход од 63.811 евра. Тоа значи дека вие за издавање на еден стан инкасирате по 5.317 евра месечно. Не мора мене да ми одговарате, но завртете се на вашата пратеничка група, на овие луѓе кои доаѓаат ширум Македонија, кои патуваат по 3 часа за на седници и кажете им каков е тој стан за кој што вие месечно наплаќате кирија од 5.317 евра”, нагласи Димовски во репликата.

Радмила Шекеринска не ги демантираше  ваквите податоци  и призна дека информацијата е вистина, но не и дека се работи за нешто што треба да зачудува.

„Станува збор за менаџерски договор кој мојот сопруг го има со својата фирма. Зошто власта случајот не го отвори минатата година, туку сега кога чепкаме таму каде што, очигледно, не смее никој да чепка“, вели Шекеринска.

Ваквата вест ги преокупира и дел од медиумите на Балканот по што Управниот одбор на „Дајнерс клубот“ за Србија, Црна Гора и Македонија излегоа со соопштение со кое повикаа да не се урива имиџот  кој е граден со години обидувајќи да се извлече од скандалот.

По јавната реакција на Управниот одбор на „Дајнерс клубот“ сега според извори во регионалното седиште не се исклучува можноста од покренување  интерна истрага за можни злоупотреби во кој е вплеткана испоставата во Македонија и ревизија на работењето на директорот Божидар Јанковски.

Со тоа оваа реномирана компанијата  ќе се обиде да ги расчисти дилемите дали имало прекршување на етичките и внатрешните правила. Како и кај менаџментот на  „Дајнерс клубот“ оваа тема и кај Македонската јавност предизвика политичка дебата за неетичност во политичкото дејствување на Радмила Шекеринска  која немаше дециден одговор за работењето и енормната кирија која ја добива нејзиниот сопруг.

Наспроти огромните суми кои што Шекеринска и нејзиниот сопруг ги добиваат по разни основи таа во секојдневните настапи  се труди да создаде слика на просечен граѓанин и е препознатлива по дебата за социјални теми, како што е невработеноста  и нивото  на сиромаштија.

Просечната плата во Република Македонија е 343 евра, а минималната плата 140 евра. Само од кирија за стан кој самиот себе си го издава без другите редовни и вонредни приходи семејството Јанковски-Шекеринска месечно заработува  15 просечни плати или речиси 40  минимални плати.