И со чебапчина се прави туризам

Градот без поток единаесет пати едноподруго, со „пиво и чебапчина“ им држи лекција на езерските градови како за неколку дена може да нагостат посетители колку тие за неколку недели, можеби и месеци, а некои туристички центри дури и за цела сезона. Прилеп покажува како може, макар и неколку дена, без поток, а камоли река или езеро, да се биде туристички центар. Не е предалечно времето кога овој град лете немаше не само водотеци, туку ни доволно вода за пиење, а сега, од година во година, освен од тутунот добива се’ повеќе приноси и од туристичка фестивалска берба.

Во Прилеп Бог не навратил ни река ни езеро, но таму секоја година неколку дена тече река од луѓе и од пиво и се пече планина од месо. Бројките што се соопштени се импресивни: Во Прилеп годинава само првата вечер влегле десет илјади возила. Во еден град со големина колку Прилеп, во еден ден кога би влегле и десет илјади велосипеди, ќе се почувствува атмосфера на преполност и притеснетост, а пак десет илјади возила е сериозен проблем каде да им се најде безбедно место.

Но, ете, прилепчани наоѓаат место и за луѓето и за возилата. Така неколку дена, додека трае фестивалската фешта. Според последното пребројување, излезе дека градот под Марковите кули нагостил 400 илјади пивопијци. Тоа значи дека една петтина од Македонија се нашла во Градот херој, каде што во четирите дена славење се испиле 300 тони пиво.

Математиката на домаќините е дека фестивалот чини околу 200 илјади евра, од кои локалната самоуправа учествува со 33 проценти. Ако се пресмета дека 400 илјади посетители потрошиле по минимум 10 евра, тоа е знак дека фестивалот има економски бенефит за градот, пиварниците, трговијата, а најголемата полза е афирмацијата на градот и нема цена на реклама што може да привлече толку луѓе, сметаат локалните власти. И имаат право, бидејќи град со минимална природна и инфраструктурна туристичка подлога завртува толку пари и луѓе што не им успева на повеќе од нашите туристички центри на кои и природата и општеството им дале далеку подобро услови за туризам.

Тие што сакаат да им го негираат успехот на прилепчани се фаќаат за разни „аргументи“. Критичарите што сакаат да пукаат со естетски куршуми имаат забелешки на изборот на музиката и музичарите. Но, треба да ни е јасно дека на вакви манифестации не свират симфониски оркестри. И не личи на виолините да им се меша гласот од чукањето на криглите.

Најдобрата одбрана за овој фестивалски туризам ја даваат бројките. Ако во земја со два милиона жители, еден град може да го прими на гости секој петти жител, тоа е успех. Бидејќи Прилеп нема капацитет да ги прими сите гости, им прави услуга и на соседите, на кои им праќа гости и им отвора можност и тие да профитираат.

За прилепчани се вели дека сакаат да одат и да им доаѓаат гости. Затоа велат дека прилепчани за сите имиња имаат имендени. Прилепчанец, велат, и Камен или Камена да се викаат, ќе им најдат сведен во календарчето со празници и ќе слават именден. А за туризмот, без разлика дали е езерски, зимски, планински, селски, алтернативен, манастирски или фестивалски, важна е гостољубивоста на домаќините. Веројатно со таков култ кон славите, имендените и гостите, прилепчани ја имаат таа нужна жичка на гостољубивост што им се допаѓа на стотиците илјади што доаѓаат секоја година.

Има и една анегдота како прилепчани си ги бројат гостите на славите и имендените. Пред славата се купувале бонбони, па на секој гостин за добредојде му се давало по едно бонбонче. На крајот кога ќе се преброи колку се поарчиле, се знае точниот број гости што ги пречекале домаќините. Значи, годинава домаќините потрошиле 400 илјади бонбончиња.

Треба да се напомене дека со бонбончињата освен домашните гости, кои се најмногубројни, послужени се и гости што доаѓаат од соседството, но и од подалечни земји. Духовитата маскота, со прилепска смисла за хумор на своја сметка, крзнен мајмун со кригла в раце, очигледно им се допаѓа на сж повеќе гости.

Затоа, колку да звучи парадоксално, тие што имаат езера и други благодати што им ги дал Бог или природата треба да учат лекции од гостољубивоста и досетливоста на прилепчани, кои немаат ни градски поток, а имаат туристичка жетва. Кога ќе се научи лекцијата, хотелските и другите капацитети можеби нема да бидат (полу)празни, а устите полни со поплаки за слаби приноси од туристичката жетва.