И Србите ќе можат да прогласат личен банкрот

Народна банка на Србија подготвува стратегија за решавање на проблематичните кредити со која ќе биде понудена опција за прогласување личен банкрот на граѓаните.

Рокот за носење на оваа стратегија е 30 јуни годинава.

На должниците кои не се во состојба да ги исполнуваат своите обврски кон банките, даночната управа, јавните претпријатија и останатите доверители, би можело да им се даде можност да прогласат личен банкрот и ќе им биде доделен личен стечаен управник, јави РТС.

Личниот стечаен управник би имал задача да испланира долговите на едно физичко лице што полесно и побезболно дасе намират, а да не му се загрози личната егзистенција.

Границата од која ќе биде прогласуван личен банкрот дополнително ќе се утврди, но за почеток ќе биде дефиниран временски период, на пример 10 дена, како дозволена граница за доцнење во намирување на обврските, по што ќе биде прогласуван личен банкрот.

Пред прогласувањето личен банкрот на граѓаните ќе им биде овозможено да ги реструктуираат своите долгови, да ги репрограмираат, да го продолжат рокот на враќање и да отплатуваат помали камати.

Ќе се прават и отстапки за да можат граѓаните да ги усогласат своите трошоци и примања за да можат да ги враќаат долговите, а ако ни тоа не го можат, дури тогаш ќе се прогласува личен банкрот и ќе се доделува личен стечаен управник, за чиј ангажман трошоците ќе зависат од применетиот модел.

Стратегијата за решавање на проблематичните  кредити се подготвува во соработка со ММФ, Светска банка и Европската банка за обнова и развој.

Србија сака да го примени скандинавскиот модел за личен банкрот, еден од трите носечки во Европа, според кој долговите би требало да се измират за, на пример, три до пет години.

За личниот банкрот треба да се одреди и суд, а ќе теба да се бара задоволувачко решение и за должникот и за доверителот.

Еден од клучните моменти ќе биде да се одреди границата на приходите под кои личниот стечаен управник нема да може да одзема од граѓаните должници,за да им овозможи минимум егзистенција.

Според официјалните податоци во овој момент во просек секој жител на Србија должи скоро 900 евра, околу 150.000 се во сериозни финансиски проблеми, додека банките ги блокирале сметките на околу 200.000 граѓани.