И стечајците и професионалните војници задоволни од новите законски измени

И стечајците од државните или фирмите во кои што државата е мнозински сопственик, како и професионалните војници, изразија големо задоволство од најновите законски измени кои што вчера ги промовираше премиерот Никола груевски.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска пред стечајците ги образложи новите владини мерки кои премиерот Груевски ги промовираше вчера.

Премиерот нагласи дека ова решение нема да важи за невработените кои останале без работа во фирми кои не се во државна или доминантна државна сопственост бидејќи немаат право на тоа, туку само за оние кои останале невработени од државни или доминантно државни фирми.

Првите луѓе на Министерството за одбрана денеска остварија средба со синдикалните претставници на која разговараа за новото законско решение со кое на професионалните војници им се решава статусот по завршувањето на работата во Армијата.

Генералниот секретар на Синдикатот на одбрана и безбедност, Ацо Спасовски, ја поддржа и поздрави владината одлука за нивно вработување по 45 години.

„Ја поздравуваме ваквата одлука, како и решението до крајот на месецот да биде донесено законското решение за околу 3.700 професионални војници. Оваа одлука ни ја зголемува мотивираноста за над 100 отсто бидејќи сите професионални војници сега ќе знаат дека статусот им е решен“, појасни Спасовски.

Секој војник, како што нагласи премиерот, ќе биде прераспределен во Министерството за одбрана, во чуварската служба, во Министерството за внатрешни работи, во граничната полиција, во Министерството за правда, во судската полиција и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во шумската полиција согласно нивните квалификации.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.