И странци со привремен престој од ЕУ ќе гласаат на локалните во Чешка

На локалните избори, кои во Чешка ќе се одржат на 10 и 11 октомври може да гласаат и граѓаните на други земји од Европската унија, кои во земјата имаат привремен престој, објави МИА.

Тоа произлегува од најновата одлука на Регионалниот суд во Брно, иако до сега на комуналните избори можеа да гласаат само странци со постојан престој во земјата, јави дописникот на МИА од Прага.

Претходно, за правото на учество на локалните избори на некои ЕУ државјани, чешкото Министерство за внатрешни работи се изјасни негативно, тврдејќи дека е потребно да се измени Изборниот закон.

Иницијативата, беше поднесена од словачки граѓанин, кој побарал запишување во избирачкиот список во градот каде привремено престојува.