И во Црна Гора поевтинува роамингот

Црна Гора се придружува на регионалното друштво со евтин роаминг. Откако управниот суд на земјата го укина решението со кое се намалува тарифата за разговор меѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, црногорскиот регулатор изготви ново решение во согласност со насоките од судот. Со тоа, информираат од македонската Агенција за електронски комуникации веќе не постои никаква правна пречка за имплементација на новите цени за роаминг услугите во сите земји потписнички на спогодбата.

Според Одлуката за утврдување на максималните цени на услугите во роаминг во јавни мобилни комуникациски мрежи со земјите од регионот со кои Македонија ја потпиша регионалната спогодба од утре цената за минута разговорво роаминг ќе биде намалена за повеќе од 73 проценти. Така наместо 67,9 денари, како досега, за една минута разговор ќе се плаќа 17,9 денари.

Паѓаат цените и на смс пораките, кои во иднина, наместо 12,3 денари ќе чинат 5,6 денари. Цената, пак, која македонските корисници ќе ја плаќаат за секој мегабајт интернет додека се наоѓаат во некоја од државите кои се потписнички на оваа спогодба, ќе се намали речиси 90 проценти. Од 370 денари, сумата за еден мегабајт ќе падне на 43,2 денари.