И во случајот на Македонија да се почитува меѓународното право

Општа оценка е дека постои огромна загриженост, пред се, за состојбите во Украина. Тоа носи многу емоции, како што се виде во излагањата на учесниците, а се чувствува и вознемиреност иако на 51. Минхенската безбедносна конференција, како еден од најзначајните глобални форуми, се расправа за прашања од безбедноста, но и за сите прашања кои се предизвици на нашето време.

Ова го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по денешното завршување на тридневната конференција во Минхен.

Тој додаде оти Минхенската конференција е позната како форум на кој секогаш се настојува преку дијалог и на мирен начин да се решаваат конфликтите кои постојат и да се превенира.

Потенцирајќи дека конференцијата е можност за средби со многу лидери, експерти и други луѓе кои носат одлуки во сферата на безбедноста, Иванов информира дека сите негови досегашни учества на оваа конференција, вклучувајќи ја и оваа година, ги искористил за размена на мислења, контакти и средби, со сите оние кои на некој начин се поврзани со нашиот регион.

На билатералните средби во Минхен, македонскиот претседател укажал за нашата состојба бидејќи, како што рече, можевме да слушнеме дека најчесто се повикуваат на почитување на меѓународното право.

– Укажав дека тоа е и нашиот проблем што го имаме со нашиот сосед, затоа што отсуствува почитувањето на меѓународното право и веќе донесените договори кои постојат. Укажав и на тоа дека Македонија долго време е блокирана поради непочитувањето на меѓународното право од страна на нашиот јужен сосед и оти за нас треба да важат оние позитивни искуства кои ги имаме во нашиот регион за паралелно движење на процесот на преговарање за членство во ЕУ, кој го трансформира нашето општество, изјави Иванов.

Тој појасни дека сите земји од нашиот регион ги трансформираа своите општества и сите нивни институции се прилагодени на европските стандарди и принципи односно се менува целиот амбиент.

– Токму тоа е она што нас ни недостасува и поради блокадата ги гледаме и актуелните состојби кај нас во земјата и до каде сето тоа води, рече претседателот Иванов, додавајќи дека неговите соговорници пројавиле интерес за се она што е закана за нашиот регион како што се тероризмот и странските борци.

Претседателот Иванов, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски учествуваше на 51.Минхенска безбедносна конференција.

МИА