Македонија,Економија

И во услови на криза го отворивме патот за странски инвестиции, но и за домашни компании на странски пазари

И во услови на криза го отворивме патот за странски инвестиции, но и за домашни компании на странски пазари

И во услови на криза, Македонија успеа да го отвори патот за странските инвестиции во земјава, но и за македонските производители на странските пазари, истакна меѓу другото денеска претседателот Ѓорѓе Иванов, во своето годишно обраќање пред пратениците во македонското Собрание.

„Пет години светот се наоѓа во глобална финансиска криза. Но, и во такви услови како држава успеавме да го отвориме патот за странски инвестиции во Македонија, но и за македонските производители на странските пазари. Со сето она што беше преземено од страна на Владата, успеавме да отвориме големи економски можности за нашата татковина“, рече Иванов.

Успеавме да ја внесеме Македонија, рече тој, во планот за гасоводот „Јужен тек“.

„Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија. Ја вклучивме Македонија во иницијативата на Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура“, потенцираше шефот на државата.

Издејствувавме, нагласи тој, највисоко на агендата на регионот да биде поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 и Коридорот 10, што според него, тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашата држава и на нашиот регион.