И вториот директор на ФЗОМ, Џемали Мехази поднесе оставка

Џемали Мехази, директор во Фондот за здравство од редовите на ДУИ поднесе оставка. Во текстот на оставктата Мехази наведе дека на тој чекор се одлучил поради „морални причини“.

– Во вршењето на мојата функција, за овој случај и сите други слични случаи, направив сè што ми беше овозможено во рамки на законот. Случајот на Тамара ме погоди како човек и како родител. Додека ја извршував оваа функција, лично сум се залагал за да се решаваат сите случаи кои се обратиле до ФЗОМ секако во согласност не само со законските обврски и водено од лична совест. За мене и моите соработници немаше значење, во ниту еден момент, името, етничката и верската припадност, во изнаоѓање решенија за нашите граѓани, истакнува Мехази.

Претходно, оставка поднесе и првата директорка на Фондот, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Маја Парнаџиева Змејкова.

Оставките на челните луѓе на Фондот се поднесени за време на протестот поради смртта на малата Тамара, која чекаше на одлука на ФЗО за лекување во странство. Парнаџиева Змејкова изјави дека на формализирање на својата одлука чекала да бидат објавени резултатите од обдукцијата на девојчето. Обдукцијата, според неа, е потврда дека за смртта директна вина нема Фондот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.