Колумни

И З Б О Р – Војна на Бесконечноста

И З Б О Р – Војна на Бесконечноста

Кога ќе се родиш и дојдеш на свет, доаѓаш без никаков избор или своја воља. Која раса, пол, континент, галаксија или планета ќе се родиш, немаме ама баш никакво влијание. Да постоиш е прекрасно, колку е убаво што сум ЈАС и во добро и во лошо. Ги прифаќам сите сцили и харибди, убави и прекрасни мигови на животот, исто колку што се мачам и траорноста негова да ја прифатам со иста благодарност.

Ме родија моите родители, Mакедонци, родени и самите од Mакедонци, ме родија како машко и ми дадоа име Јанко. Се родив во еден систем, и учев и се образував во истиот и се додека не се крстив, јас скоро и да немав никаква слободна воља освен за основни работи. Првата голема работа, мојот прв вистински и суштествен избор е кога се крстив во црква. Родителите не ме крстија и по некаква промисла останав четврт век во некаква лимбо фаза. Дури и да бев крстен, немаше да биде поразлично, можеби, не знам, шпекулирам, но чинот кога сам, одлучив, реков и во таа сабота отидов во Света Петка, поп Ацо ме крсти, Божидар ми беше кум, а татко ми Живко, раскршен од здравје и маки во животот, се домкна со гордост да посведочи на тој чин, оти му се врати сеќавањето од неговата крштевка во Свети Јован Бигорски уште пред Втората Светска Војна. Како старееше и белееше, стануваше свесен кои се приоритетите и суштинските прашања на животот оти целиот го посвети на борба за егзитенција. Тоа го знам не од сведоштво, туку оти стоеше покрај ѕидот на крстилницата и се обидуваше да ги затскрие солзите, како сиот чемер на животот да му се спушти на плеќи. Умре, години подоцна, во најтешки маки.

Јас се крстив и мојот избор ми стана прв и најважен, се друго беше бледа сенка. Тогаш се заветив на морални вредности на мојата православна вера и се заветив дека ќе се обидам да ги спроведам во секој сегмент на животот. На почеток изгледаше премногу тешко и апстрактно, се додека низ процесот на зреење не открив дека се во суштина е љубовта. Избор направен од љубов, не од страв, мака, принуда, туку од чиста неусловена љубов. Така продолжив во животот, помалку или повеќе свесен како и дали добро го правам тоа што го правам.

Јас, Јанко Илковски, избрав сам, при здрава свест, да сум прво и прво христијанин – по слободна воља и со љубов кон Бога и кон се создадено.

Прво сум христијанин, а се друго ми е наследство, човек, Mакедонец, земјанин, жител на овој универзум. Тоа е моето согледување и тоа се моите приоритети. Се друго кое ме условува, а не прашува за мојата посветеност е небитно. Се што прифатив, духовно и световно е моја одлука. Имам избор да сменам, пол, вера, име, презиме, место на живеење, работа, идеја, став. Имам, но ЈАС ќе одберам, никој друг освен јас.

Благодарен сум за наследството на моите родители, искрено сочувствував со нив и додека беа живи во нивната борба за нас, нивните деца, да ни овозможат пристојна патека за егзистенција, но беа предоблесни да ми наметнат било што друго.

Имам право да си сменам и име и да ја продадам куќата, тоа се работи кои сум ги наследил, кои не сум ги барал, но сум благодарен. Куќата можеби и ќе ја продадам, ако е тоа заради подобар живот овозможување на моите деца да имаат пристоен живот, но нема да си сменам име, пол , нација, вера. Затоа што ЈАС така одлучив. Тоа Е мој избор. Тоа е моја идеја и идеологија. Нема тука практичен аспект, тоа е чист, филозовски, длабок и како последица на љубов, донесен конечен суд за она што ќе бидам и кој. Се друго … се друго е минливо и безвредно.

Дојдов на овие години кога стојам на накаков колосек на идентитески наметната криза на мојот народ. Народот ја има, можеби, дел од народот сигурно – јас не. И се ми е веројатно затоа што сите овие работи доаѓаат луѓе, ова состојба, криза е човечка творба, а не Божја. Знам дека кога ќе умрам и застанам пред Него, нема да ме праша од која нација сум, кој народ, ниту ќе ми ги гледа биометриските податоци, туку она што носам како багаж во себе, во своето срце.

Не можам да се начудам, денес, дел од овој народ, кој опстанал каков-таков само и само благодарение на неговиот избор, поткрепен низ верата, црквата и пред се христовото учење за љубовта, како се врти против црквата судеејќи, прозивајќи и колнејќи со страшни закани на овие или оние свештенозлужители, кои од нив биле вистински Mакедонци, христијани, праведници, а кои не. Не можам да се начудам на фрустрациите на поединци кои во име на народот повикуваат на финални пресметки, на езгекуции, на радикални решенија. Нема верник кој ќе повика на такво нешто – тоа не е верник. Христос имал моќ и сила и како Син Божји можел и да ја порази војската и неговите мачители и се спаси од маките, но ни покажал единствен можен и тежок пат на љубовта.

Знаете, ако треба да ги има, нема да има повици и тој што ќе го стори тоа, ќе го направи по сопствен порив, не по „јадење бурек“ на социјални мрежи. Ниту светите Отци не го правеле тоа што го правеле оти некој човек ги прозвал и повикал, туку заради внатрешниот повик, оти знаеле дека доаѓа од Бога и ја чувствувале благодатта на повикот.

Знам само и силно чувствувам, дека ова е време на легална-илегала (оксиморон). Ова е време не на храбри мускулести револуционери, туку итри, лукави, со пророчки дар луѓе, кои нема да си ги објасниш на прва, оти гласно вика и повикува, туку ќе биде енигма и за блиските и за непријателот, кој ќе глуми и луд и глуп јавно и суперинтелигентен и паметен во мигови само кога ќе треба. Ова е време за тактитка, и стратегија. А, народот не е глуп. Истите тие кои викаа и му се додовруваа сега прозиваат оти немало излезени на протести.

Лани со месеци стотици илјади излегоа на улиците, имаа искрено чувство дека се борат за земјата, но сфатија дека мечката е многу поголема и појака и помоќна и помудра и ги предвидела сите овие потези. Ни покажаа дека вољата на народот е ништожна и народот, свесно или не, сфати на инстиктивно ниво, дека ова е време без пореседан дека ова време бара нешто сосема друго. Инетлигнетни и продуховени луѓе кои кога делуваат – левата да не знае што прави десната, за да не може никој да им ги прочита конечните намери и цел. Ова е голема шаховска игра на потези кои се влечат со децении и влегуваат во завршница. Ова не е игра за плитки или наводно добро информирани. Сите се одлично информирани, но тешко кој извелкува правилни заклучоци. Ова е време за аналитичари, сериозни и продлабочени, кои ќе согледуваат по 30 потези однапред со подготвени контра делувања.

Многу од потезите очигледно на прва топка нема да ни се допаднат, но ако Dr Strange во Infinity War вели, (парафразирам): „од сите милиони варијации на исходот на борбата постои постои само една во која ќе се победи Танос“, ќе ја прифатам таа, но сигурно ќе бара несмисливо болни промени кои ќе бидат толку силни, интезивни. Од дрвата да можеме да ја видиме шумата, целата слика ни е тргната од пред очи и се прашувам дали оопшто ќе ја согледаме. Исто како живот во Матрицата (Matrix) Само некои, одбрани, ќе имаат доблест да можат во вакво време, време кое е без преседан во историјата да водат. Ова не е време на снајперисти и набилдани супер-херои со наметки, ова е време само на просветлени умови.

Автор: Јанко Илковски