Иако е на црната листа, Анте Готовина соработува со САД

Пензионираниот хрватски генерал Анте Готовина, кого хашкиот трибунал го ослободи од обвинението за воени злосторства во акцијата „Бура“, води правна битка со американската администрација, од каде што бара да биде симнат од „црната листа“ на Стејт департментот, па оттука е необичната вест дека неговата фирма токму од САД купила нов брод за ловење на туна.

Готовина, како што претходно пренесоа хрватските медиуми, од Стејт департментот побара да биде симнат од пописот на лица со кои на американските државјани им е забрането да тргуваат, соработуваат и да им помагаат или да извршуваат каква било меѓународни финансиски трансакции.

Поради тоа е необично тоа што фирмата „Пелагос нет фарма“ во сопственост на генералот Готовина, за над 393 илјади евра купила брод за ловење туна и тоа баш од САД, од сојузната држава Алабама, пренесуваат хрватските медиуми.

Готовина, аргументирајќи зошто би требало да го симнат од листата на „непожелни“, навел дека поради тоа трпи големи економски штети.

Поранешниот осуденик на хашкиот трибунал на „црната листа“ на САД е ставен во 2003-тата година, а со истата управува сојузното Биро за надзор на странските финансиски средства.