Иако на крајот решаваа нијанси, Македонија не успеа да направи сензација

Македонските ракометари уште еднаш покажаа дека кога играат на домашен терен е речиси невозможно да загубат, а за малку тоа на “своја кожа” ќе го почувствуваше и најдобрата селекција изминативе 10-тина години, Франција.

Иако во текот на натпреварот Французите постојано беа во водство, на моменти и со пет гола предност, сепак кон крајот на мечот нашите репрезентативци се приближија, а беа многу блиску и до нерешен резултат. Сепак, слабата концетрација во завршните моменти, како и присебната игра на французите беа клучен фактор за победата на “триколорите” од 25:27.

Сепак публиката која беше присутна во салата “Борис Трајковски” имаше прилика да види еден супер интересен натпревар, како и да се увери во одличната форма на нашите репрезентативци, факт кој особено радува бидејќи престои реваншот со Чешка во Скопје, на кој најверојатно ќе се решава и вториот патник од нашата група на ЕП 2016 во Полска.